Омиленото холивудско дуо Бен Афлек и Мет Дејмон повторно ќе соработуваат на филм.

Овој пат се работи за криминалистичкиот трилер Animals, кој ќе го режира Бен Афлек, а главната улога ќе ја толкува Мет Дејмон.

Заплетот на овој криминален трилер е за кандидатот за градоначалник Мет Дејмон и неговата сопруга, чиј син е киднапиран. Опкружени со мноштво непријатели, политички и други, овие сопружници немаат друг избор освен да ги извалкаат рацете и да направат сѐ што е во нивна моќ за да го спасат својот син.

Сценариото го напиша Конор Мекинтајр со ревизии на Били Реј, а засега се познати само улогите на Афлек и Дејмон во филмот, пишува The Hollywood Reporter. Доколку сѐ оди според планот, снимањето би требало да започне веќе во март.

Ова актерско дуо неколкупати работеше заедно на филмови во последните дваесет години, а снимањето на новиот трилер ја одбележува нивната деветта соработка. Последен пат заедно глумеа во „Последниот дуел“ од 2021 година.