Системот за влез/излез во Европската Унија ќе започне со постепена примена од 12 октомври, со цел зајакнување на безбедноста на сите гранични премини, порача евроамбасадорот Михалис Рокас.
„Ова е мерка што има за цел да ја зајакне безбедноста, но истовремено и да го олесни процесот на влез во ЕУ“, изјави Рокас и додаде дека граѓаните од трети земји ќе треба еднаш да се регистрираат со отпечаток од прст и фотографија.
Според него, откако тоа ќе биде направено, при секое следно патување ќе може да се користи автоматизиран влез на аеродромите и граничните премини.
Рокас потенцираше дека системот ЕТИАС не е ист со системот за влез/излез и повика да не се создава конфузија кај граѓаните.





