Реката Јордан бавно тече од крајниот североисточен дел на Израел, поминува низ Галилејско Море и се влева во Мртво Море. Најголемиот дел од околу 250 километри долгото речно корито, ја претставува границата меѓу Израел и Западниот Брег на една страна и Јордан на другата.
Речиси исто толку долг е брегот од Средоземно Море во Израел и Појасот Газа на запад. Копнениот појас меѓу реката на исток и морето на запад е широк едвај 60 километри.
Географски е сосем јасно што опфаќа слоганот „Од реката до морето”: Израел, Западниот Брег и Појасот Газа. Политичката порака која произлегува од слоганот, пак, е многу спорна. Во Германија на почетокот на месецов беше забранета од Министерството за внатрешни работи.
Пароли на демонстрации и маички
По терористичкиот напад на милитантно исламистичкиот Хамас, при кој на 7 октомври, според израелски податоци, беа убиени најмалку 1200 лица и околу 240 беа земени како заложници, и последователната израелска офанзива во Газа со повеќе илјади убиени Палестинци, ширум светот имаше безброј демонстрации во поддршка на двете страни. Демонстрациите делумно беа предмет на критика дека се шират исламистичка и антисемитска пропаганда.
На многу пропалестински демонстрации, меѓу другото, се скандира паролата „Од реката до морето – Палестина ќе биде слободна”. И кратенката „Од реката до морето” се слуша постојано, се врти на социјалните медиуми и веќе се појавува како принт на свеќи, маички и знамиња кои се продаваат онлајн.
Притоа станува збор за слоган кој дава нов елан на пропалестински и произраелски активисти, иако постои со децении. Многу пропалестински активисти велат дека е повик за слобода и еднаквост по повеќедецениска, израелска окупација врз милиони Палестинци. Други пак во слоганот препознаваат јасно барање за уништување на Израел.
За првпат слоганот „Од реката до морето” беше употребен уште од Палестинската ослободителна организација (ПОО) во 1964 година. При нејзиното основање таа бараше основање на единствена држава која ќе се протега од Јордан до Средоземно Море. Планот за поделба на Палестина усвоен во 1947 година од страна на ООН, ПОО децидно го отфрли.
Од 6-дневната војна во 1967 година наваму слоганот сѐ повеќе го преземаа други палестински групации и го користеа и како повик за ослободување на Палестина од израелската окупација – од мирните иницијативи за палестинска независност, но и зачестено од радикални организации како „Народниот фронт за ослободување на Палестина”, или во 1987 година формираниот Хамас.
Двете се категоризирани како терористички организации од страна на ЕУ, САД и други држави. Хамас најдоцна од 2012 година го „присвои” слоганот кога нејзиниот предводник Халед Машал по повод 25- годишнината во неговиот говор изјави: „Палестина ни припаѓа од реката до морето и од југот до северот”.
Во 2017 година слоганот се најде и во преработената Повелба на терористичката организација во која се повикува и на насилно уништување на државата Израел. Во декември 2022 година Хамас го реобјави слоганот со географска карта на регионот на која е прикажана „Палестинска држава”, но не и Израел.
„Од реката до морето” – спорен про-палестински слоган
