ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „СЛАВЕ КАТИН – ЖИВОТ И ДЕЛА“
Во 1992 година, после престојот и моето враќање од Австралија ја објавив публи-кацијата „Во Австралија како дома“,(1992), издание на„Матица македонска“, Скопје, отпечатена на 136 страници на македонски јазикво, во која ги пренесувам моите творечки преокупации како патеписец, портретист, репортер и хроничар на дел од настаните во македонските колонии во Австралија. Рецензенти на делото се Христо Андоновски и Фиданка Танаскова.
Во својот предговор кон книгата, познатиот македонски публицист и научен работник Христо Андоновски, главен и одговорен уредник на списанието „Македонија“ и еден од големите познавачи на македонското иселеништво напиша:
„Славе Катин овој пат се фокусира на прашањата и проблемите од областа на животот и активностите на македонските доселеници, особено на Македонците од Беломорска Македонија кои живеат и работат во демократска и мултикултурна Австралија, каде, за разлика од својата земја, ги уживаат сите социјални, човекови и други права“.
Подвлекувајќи дека на тие далечни простори на петтиот континент, Македонците постигнуваат забележителни резултати на национален и духовен план, во бизнисот, културата и образованието и во социјалниот живот, воопшто, тој нагласува дека нивните дострели на овој план се големи. Затоа, Андоновски ќе го напише следното:
„Не случајно ова дело на Катин го носи насловот „Во Австралија како дома”, зашто македонските иселеници и тој во оваа земја се чувствуваат како дома. Паралелно со остварените материјални услови, кај нив е видлива и трансформацијата на животните и работните навики во новите средини. Не е мал бројот и на оние Макндонци кои со своите интелектуални и образовни, духовни и други способности, се пробиле во повисоките сфери на австралиското општество“.

Инаку,кога се пишува за Македонците во Австралија, особено во Викторија, тие отсекогаш биле предмет на разни туѓи верски, национални и политички влијанија, кај кои се нашло погодно тло за таквата дејност. Во тој правец активна била бугарската, грчката и српската пропаганда, кои со успех ги вршеле своите замислени цели.
Промоции и објави:
Делото „Во Австралија како дома”, за прв пат е промовирана пред голем број мои љубители и обожаватели во Љубојно, на Илинденските празнувања во 1992 година во текот на празничните денови, во библиотеката на Домот во Љубојно, пред повеќе од двеста присутни, за прв пат се одржа промоција на книга. За книгата зборуваа проф. д-р Томе Саздов, како претседател на Матицата на иселениците од Македонија и писателот Раде Силјан како издавач. Во таа пригода на присутните им се обратија проф.д-р Васил Тупурковски и писателот Цане Здравковски, кои беа гости во Љубојно.
Исто така, делото доживеа промоција на 15 ноември 1992 година во Матицата на иселениците од Македонија, за која зборуваше Христо Андоновски, главниот уредник на списанието „Македонија“
Поотоа, за време на фестивалот во Клубот на друштвото „Браќа Миладиновци” во Торонто, во кој издавачот „Матица македонска” организираше промоција на повеќе свои изданија, меѓу кои и на книгата „Во Австралија како дома”, за која зборуваше писателот Раде Сиљан, како нејзин издавач.
Од животот и активностите на Македонците во Австралија објавени се триесет и три (33) продолженија во Веб-порталот „Македонска нација“ од 17 февруари 2016 до 28 октомври 2016 (на македонски). Истите (33) продолженија се објавени и во порталот „Македонско сонце“ од Скопје.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН





