Управата на Македонската православна црква Свети Илија во Мисисага, на 22 април 2023 година, со почеток во 19.00 часот ја организираше традиционалната Комитска вечер во чест на сите загинати борци за слобода на Македонија. За расположението на вечерта, со македонски песни
и ора, се погрижија естрадните уметници Соња Лозановска и Анета Наковска, придружувани од „Оливер бенд“ и Стив, како и талентираните фолклористи на групата “Илинден“.

Мисисага е убав и современ град кој е сместен на западната страна од Интернационалниот аеродром „Пирсон“ од Торонто. Градот Мисисага игра значајна улога во економскиот живот, како центар на лесната индустрија и место за голем број други современи објекти. Во тој современ конгломерат Македонците нашле свое место каде ја формираа третата македонска православна црква во Канада, „Свети Пророк Илија“, која им служи на македонските доселеници во западниот дел на Торонто.

Инаку, македонската православна цркова “Свети Илија” во Мисисагаигра значајна улога  во црковно-националниот живот на Македонците од сите делови на етничка Македонија. Темелите на оваа македонска православна црква беа поставени на новата локација на 7-ми септември 2002 година, а изградбата заврши 2004 година. Во закрила на црквата активни се женската секција, црковниот хор, неделното училиште со настава на македонски јазик, клубот на пензионерите, како и фолклорната група „Илинден“. Секоја година црквата „Свети Илија“ учествува на повеќе градски културни настани.

Комитската вечер на која присуствуваа неколку стотини Македонци од Мисисага и Торонто, ја водеше претседателката на Женската секција на црквата, Весна Трајковска, а присутните ги поздравија претседателот на Управата Васко Недановски и авторот на овие редови, Славе Катин, како гостин од Македонија.

На Комитската вечер присуствуваше надлежниот архиереј на Американско – канадско- македонската епархија, митрополит Методиј со свештеникот на црквата „Свети Илија“ отец Благој Пенев, свештениците: Гоце Деспотовски од црквата „Света Богородица “ од Кембриџ, отец Ангел  Станчев од црквата „Свети Наум Охридски“ од Хамилтон и други свештеници на Епархијата, кои заедно ја отслужија  вечерната молитва.

Исто така, на Комитската вечер, покрај неколкуте стотини, присустваа и гости од управите на други македонски православни цркви, македонски друштва и асоцијации, како и Боби Темелков, претседателот на Светскиот македонски конгрес за Канада, потоа дипломатот Јовица Палашовски, кумовите на „Комитската вечерта“: Роберт и Весна Качурови, Панче и Изабела Андови, Марјан и Ели Леови, Мики и Билјана Доневи и други. 

За расположението на гостите на вечерта, со македонски песни и ора, се погрижија естрадните уметници Соња Лозановска и Анета Наковска, која специјално дојде од Флорида како гостинката од Македонија, заедно со “Оливер бенд” и Стив, кои ги забавуваа присутните до доцна во ноќта, а гостите беа послужени со богато мени на традиционалнaта македонско-канадска кујна што ја подговија повеќе души на чело со  Гоце – Горан Јовановски.

Комитската вечер во црквата „Свети Илија“ беше збогатена со прекрасните игри на младите и талентирани играорци на фолклорната група “Илинден“ што ја води. Ненад  Попоски. Инаку, во изминатите педесеттина години во црквата „Свети Илија“ се одвивале голем број активности на културно-просветен, национален и духовен карактер. Притоа, носител на забавниот живот е фолклорната група „Илинден“, чиј членови се вистински амбасадори на богатиот македонски фолклор, песната и обичаите донесени од стариот крај.

Групата „Илинден“ е формирана во 1980 година, а во неја досега членувале неколку десетици Канаѓани од македонско потекло, кои настапиле на бројни фестивали и други манифестации. Голем успех оваа група постигнала на „Илинденските денови“ во Битола и во други градови ширум Република Македонија. Исто така, значаен успех играорната група  „Илинден“ постигна во летото 2022 година, при гостувањето во повеќе градови во Македонија. Посебно треба да  се нагласи дека тие талентирани македонски фолклористи  биле учесници на сите црковно – народни собири што Американско-канадско-македонската епархија ги организирала во Канада и Соединетите Американски Држави.

Пишува: СЛАВЕ КАТИН