Македонската одбојкарска репрезентација утре ќе го почне третото по ред учество на собирот на најдобрите репрезентации, а овој пат за првпат на домашен терен, со оглед што Скопје е еден од домаќините на ЕП 2023.
Селекторот Јошко Миленковски посакува пласман во втората рунда, за што на нашите момци ќе им биде огромна помош од навивачите во салата „Борис Трајковски“, каде што ќе се играат натпреварите.
„Момциве секој ден даваат се од себе, за да ја претстават Македонија во најдобро можно светло. Ова е најголем одбојкарски настан на наше тло, можност да ја претставиме државата и нашиот спорт. Желба ни е пласман во следниот круг, мислам дека го заслуживме тоа, но не зависи само од нас туку и од противниците. Потребна ни е поддршка од сите страни, пред се од навивачите, за да се претставиме во најдобро светло и да сториме се за да се пласираме во втората фаза. Треба да го покажеме нашиот цврст карактер и борбеност, амбициите се да им се спротивставиме на сите овие моќни репрезентации. Имаме сили за тоа, верувам дека по завршувањето на ова ЕП ова ќе биде една нова историја за нашиот спорт“, изјави Миленковски.
Македонија е во група со селекциите на Полска, Данска, Црна Гора, Холандија и Чешка, а пласман понатаму ќе обезбедат четирите најдобри репрезентации во секоја од четирите групи, а кои освен во Скопје ќе се играат во Италија, Бугарија и Израел. Нашите момци првиот меч го играат утре против Данците (20 часот).
[/et_pb_text][/et_pb_column][/et_pb_row][/et_pb_section]