Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН годинава ја одбележува 75 годишнината од егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.

Одбележувањето е во рамките на Шестата светска средба на децата бегалци и насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија која се одржува преку целата 2023 година на сите настани што ги организираат сите здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, велат организаторите на настанот.

Чествувањето ќе се одржи на 1 јули 2023 година (сабота) во 10 часот со полагање цвеќе пред Споменикот на децата бегалци во Жена Парк карши Собранието на Македонија и во 12 часот со одржување на Академија во Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ.

На академијата во МАНУ реферат ќе поднесе проф.д-р Тодор Чепреганов, поздравни говори ќе одржат претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија Александар Јаневски, и почесните претседатели на Шестата светска средба Неговото високопреподобие архимандрит Никодим Царкњас и Ташко Јованов, а поздравни телеграми ќе се прочитаат од претседателот на МАНУ проф.д-р Љупчо Коцарев и почесниот претседател на Шестата светска средба Лефтер Манче од Канада.

Од академијата ќе биде упатена посебна резолуција од насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија, до институциите на власта на државата Македонија и меѓународните организации!

Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија упатува јавна покана до сите Македонци, за масовно учество на двата настани – во 10 часот во Жена Парк и во 12 часот во МАНУ. Добредојдени се сите заинтересирани.