Воведувањето на системот „Безбеден град“ предизвика серија огнови, протести и блокади низ државата, откако полицијата започна со построги контроли, казни и одземање возила на лица без возачка дозвола. Дел од граѓаните реагираат со палење гуми и затворање патишта, тврдејќи дека мерките се престроги и дека поединечни заедници се дискриминирани. Од друга страна, голем дел од јавноста бара законите да важат за сите и поддржува засилена сообраќајна дисциплина.
Поделени реакции во јавноста
Воведувањето на системот „Безбеден град“ и построгите сообраќајни правила предизвикаа поделени реакции меѓу граѓаните. Откако полицијата започна со казнување и одземање возила на лица кои немаат возачка дозвола или грубо ги прекршуваат правилата, групи граѓани организираа протести, палење огнови и блокирање патишта, барајќи возилата да им бидат вратени.
Жители на неколку ромски населби обвинуваат за дискриминација, тврдејќи дека многумина од нив немаат завршено образование и затоа немаат услови да полагаат за возачка дозвола.
Инцидентите предизвикаа низа реакции на социјалните мрежи. Граѓаните повикуваат законите да важат за сите – „да нема веќе чичковци и вујковци ако сакаме да мрднеме од мртва точка“, но и да нема веќе „возење со нерегистрирани коли, дотраени гуми, автомобили без кочници и без возачки доволи“.

Блокади на патиштата во Битола и Кочани
Во вторникот попладне, група граѓани го блокираа патот Битола – Ресен во знак на протест против измените во Законот за прекршоци. На видеа објавени на социјалните мрежи се гледа како демонстрантите палат отпад, гуми и дрва на коловозот.
Според информациите од МВР, околу 16 часот СВР Битола било информирано дека патот А-3, Ресен – Прилеп, е блокиран кај местото викано Кај Ромите, поради што сообраќајот бил пренасочен.
Сличен протест се одржал и во кочанската населба Трајаново Трло, каде биле запалени гуми на улицата „Цветан Димов“. Пожарникарите и полицијата интервенирале и го изгаснале огнот, по што собирот е прекинат.

Институциите најавија дека ќе постапат согласно законот, потсетувајќи дека ваквото попречување на сообраќајот претставува кривично дело и нарушување на јавниот ред и мир.
Зошто почнаа реакциите?
Реакциите следуваат откако на 1 февруари започна официјската примена на „Безбеден град“. Од стартот, полицијата информираше дека се приведени возачи од Скопје и Куманово без положен возачки испит и дека им се одземени возилата. Приведен беше и возач од Куманово со 2,09 промили алкохол, на кого исто така му е одземено возилото.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вели дека првичните резултати покажуваат драматичен пад на бројот на прекршоци. Според него, за време на тест-периодот биле детектирани 120.000 прекршоци, додека на првиот ден од официјалното функционирање бројката паднала на под 500.
Тошковски додаде дека СВР Скопје бележи 32% помалку повредени лица, а бројот на загинати во последните два месеци е намален за 64%. Според него, околу 3.000 возачи со повеќекратни забрани претставувале сериозна опасност за сите учесници во сообраќајот, а новиот систем конечно ги спречува да управуваат возило.
Премиерот Христијан Мицкоски информира дека од полицијата побарал жесток одговор за секој што го прекршил законот, се заканувал или го загрозил јавниот ред и мир во текот на вчерашните блокади на патот Битола-Ресен и во Кочанско, каде што група граѓани протестираа во знак на револт поради правилата на системот „Безбеден град“.
„Разговарав утрово со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и она коешто го побарав од него е оној што го прекршил законот, се заканувал, јавно упатил закани, го загрозил мирот и безбедноста на граѓаните жестоко да се одговори. Ќе биде одговорено жестоко за да не се повтори тоа дивеење од вчера што се случи“,изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по денешното чествување на 154-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.





