Со напорите што се во тек да се исчистат илјадници тони челични остатоци од урнатиот мост во пристаништето Балтимор, гувернерот на Мериленд, Вес Мур, синоќа ги повика републиканците да соработуваат со демократите за да ги одобрат федералните фондови за обнова на мостот и заживување на економијата на пристаништето.
Мостот „Френсис Скот Ки“ во Балтимор се урна во вторникот рано наутро, при што загинаа шест работници на патиштата кога голем транспортрен брод изгубил струја и удрил во потпорен столб. Голем дел од мостот се урна во реката.
Администрацијата на Бајден во четвртокот издаде 60 милиони долари првична итна помош за да помогне во расчистувањето на остатоците од мостот и повторното отворање на пристаништето, кое е најголемо во САД за увоз и извоз на ролон-, ролоф-возила за земјоделството и градежна опрема.
Пристаништето е затворено од вторникот оставајќи ги работните места на речиси 15.000 луѓе, кои се потпираат на неговото секојдневно работење во неизвесност.
Федералните власти им рекоа на пратениците од Мериленд дека конечниот трошок за обнова на мостот може да порасне на најмалку 2 милијарди долари, објави Roll Call цитирајќи извор запознаен со дискусиите.
Демократскиот претседател Џо Бајден вети дека федералната влада ќе ги покрие трошоците, но тоа ќе зависи од усвојувањето на законодавството со кое се овластуваат средствата и во Претставничкиот дом предводен од републиканците и во Сенатот предводен од демократите.
Се очекува Бајден да го посети местото на уривањето на мостот оваа недела.