Обвинителството во Охрид бара распит на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков како сведок околу нападот врз него и за таа цел ЈО ќе бара од Бугарија информација за сегашната адреса на живеење на Пендиков.
Пендиков беше претепан на 19 јануари во Охрид, а Обвинителството објави дека претепувањето било извршено од омраза. Македонскиот државјанин со бугарски владин авион беше префрлен на лекување во Софија, а по излегувањето од болница доби сместување и заштита. Според информациите од Бугарија, тој на крајот на декември поднел барање за бугарски пасош, но засега сѐ уште е само македонски граѓанин.
Во средата беше приведен и вториот напаѓач на Пендиков. Охридското обвинителство побара од судот да му биде одземена патната исправа за да не може да ја напушти Македонија.
– На 19 јануари, осомничениот, заедно со уште едно лице против кое веќе се води постапка и е поднесено обвинение, од омраза поради националната и етничката припадност нападнале еден оштетен кој се изјаснувал како Бугарин, го удирале со раце и нозе по главата и телото и тешко телесно го повредиле, соопштија од ЈО-Охрид.



