Лос Анџелес лејкерс во драматичен меч, дури по продолжение од пет минути го победи Њујорк никс во легендарната сала „Медисон Сквер гарден“ со 129:123. Леброн Џејмс беше предводник на Лејкерс и заврши со 28 поени, 10 скока и 11 асистенции.
Со ваков биланс, Леброн стана првиот кошаркар во историјата на НБА-лигата што успеал да има трипл-дабл на еден меч во неговата 20-та сезона во најсилната кошаркарска лига во светот. Ако се погледне вкупниот збир на постигнати поени, Кралот на ЛА вкупно има 38.299 поени и сега е само на 89 поени да го престигне неверојатниот рекорд на Карим Абдул Џабар, кој е апсолутен рекордер по бројот на постигнати поени во историјата на НБА.
Џабар во блескавата кариера постигна вкупно 38.387 поени и според пресметките, Леброн би требало да го престигне веќе на мечот против Милвоки бакс, кој ќе се игра на 9 февруари. Секако, ако Леброн продолжи со неверојатните игри и постигнување на поени како на претходните неколку средби, може да се случи рекордот на Леброн да биде срушен и на дуелот против Оклахома, кој се игра на 7 февруари.
Освен бркањето на рекордот на Џабар, Леброн на дуелот против Њујорк никс стигна и до четвртото место на листата најдобри асистенти во историјата. Со 11 додавања тој ги надмина Марк Џексон, кој имаше 10.334 асистенции, и Стив Неш со 10.335 додавања и сега е на бројката од 10.338 асистенции, што е четврти на сите времиња. На оваа листа прв е Џон Стоктон со 15.806 додавања пред Џејсон Кид со 12.091 и Крис Пол со 11.246 асистенции.
Резултати: Кливленд – Мајами 97:100, Чикаго – ЛА клиперс 103:108, Милвоки – Шарлот 124:115, Денвер – Њу Орлеанс 122:113.
[/et_pb_text][/et_pb_column][/et_pb_row][/et_pb_section]