Локалитетот Свети 40 Севастиски маченици, во Банско, е средновековна црква која била епископско седиште и претставува значаен културен споменик од периодот на 12 и 13 век и една од ретките во Македонија која има форма на слободен крст. Новите истражувања покажале дека веднаш до црквата постои дополнителна архитектура, но и некропола од средниот век.

По пауза од четири децении повторно се вршат истражувања на локалитетот Свети 40 Севастиски маченици во Банско. Се работи за средновековна црква која била епископско седиште и претставува значаен културен споменик од периодот на 12 и 13 век и една од ретките во Македонија, која има форма на слободен крст. Новите истражувања покажале дека веднаш до црквата постои дополнителна архитектура, но и некропола од средниот век.

-Ние го истражуваме северниот дел. Успеавме да откриеме архитектура, односно дел од самата црква, Најверојатно имала на северната страна затворен трем и поголем број на средновековни погребувања, значи истражуваме и средновековна некропола која според гробните наоди ние ја датираме 12, 13 век. Откривме околу 10 погребувања, а многу интересен и битен момент е тоа што околу 80% од овие погребувања се детски што покажува дека смртноста била многу поголема во средниот век, вели доктор Душко Цветанов, археолог.

Црквата е сместена во самото поле, на рамен терен и е оддалечена на околу еден километар и од денешното, но и од средновековно Банско. Самата локација покажува дека во минатото во овој регион се наоѓала и една од најбитните комуникации, а Банско имало многу активен средновековен живот.

-Во средниот век, во ареалот на селото Банско имаме мошне значајни средновековни локалитети, значи имало мошне активен средновековен живот. Банско се споменува и во историските извори какао Банско Бањско. Овде се наоѓа уште еден значаен локалитет, сместен над селото т.е. доцноантичка средновековна тврдина „Мал Кајаси“, за која претпоставуваме дека е тврдината „Термица“, која се споменува во историските извори од страна на Јован Скилица и најверојатно како една од тврдините што биле активни и во периодот на Цар Самуил, вели археологот Цветанов.
Црквата посветена на Светите 40 маченици е откриена во 1984 година. Лани од страна на Завод и Музеј – Струмица беше извршено конзервација и реставрација на објектот со акцент на обнова и санирање на фугите на ѕидовите кои под атмосферските влијанија имаа оштетувања и над 90%, пренесува Вечер.