Против францускиот актер Жерар Депардје е поднесена нова пријава за сексуален напад, соопшти денеска адвокатката Карин Дирије Дибол.
Правниот застапник кој веќе ја брани актерката Шарлот Арно, наводната жртва на силување за која беше покренато обвинение против Депардје во декември 2020 година, во петокот по препорачана пошта до обвинителството во Париз доставила нова тужба против актерот за дела на сексуален напад, сексуално вознемирување и сексистички навреди, пренесува Гардијан.
Според неа, споменатите дела датираат од 2021 година и не се застарени, а се случиле за време на снимањето на филмот „Les Volets verts“, во режија на Жан Бекер.
Жената која ја поднела жалбата, по име Амели (53), е продукциска дизајнерка на сетот.
Во изјава за порталот Медиапар таа изјавила дека актерот упатил бројни груби забелешки додека снимал во Париз на 10 септември 2021 година, а потоа „брутално ја грабнал“ и ја „стискал за половината, стомакот, додека се качувал до градите“.
Пријавениот напад наводно бил спречен од телохранителите на актерот.
Истражниот сајт исто така тврди дека актерката Аноук Гринбер, која го осуди однесувањето на актерот кон жените во печатот, поднела тужба за клевета против адвокатката на Депардје, Беатрис Гајсман.
Претходно, во 2023 година, 13 жени го обвинија актерот за сексуален напад или вознемирување, според новинарската истрага на францускиот Медиапар.