Новак Ѓоковиќ доживеа неочекувана елиминација на Ролан Гарос, откако по голема драма загуби со 3:2 во сетови од младиот бразилски тенисер Жоао Фонсека.
Српскиот тениски ас го започна мечот на најдобар можен начин и поведе со 2:0 во сетови, оставајќи впечаток дека сигурно чекори кон пласман во следната рунда. Сепак, развојот на настаните целосно се промени во продолжението.
Фонсека, кој важи за еден од најперспективните тенисери од новата генерација, постепено го подигна нивото на игра, заигра поагресивно и со голема самодоверба успеа да го сврти натпреварот во своја корист. Со силни удари и стабилна игра во клучните моменти, младиот Бразилец ги доби следните три сета и стигна до најголемата победа во својата кариера.
По овој пораз, Ролан Гарос останува без едно од најголемите имиња уште во раната фаза на турнирот, додека тениската јавност добива уште една потврда дека новата генерација сериозно се наметнува на светскиот врв.
На прес-конференцијата после поразот од 19-годишниот Жоао Фонсека во третото коло на „Ролан Гарос“, Новак Ѓоковиќ рече дека не играл лошо, но противникот бил подобар и заслужил победа.
Српскиот тенисер беше прашан и дали ова беше негов последен меч во Париз и ако се покаже дека е, дали би можел да каже дека е задоволен од постигнатото таму, на двете прашања одговори со: „Не знам“, оставајќи ја отворена можноста догодина да не игра на „Ролан Гарос“, нешто што не би им се допаднало на неговите фанови, но тогаш ќе има 40 години и којзнае во каква форма ќе биде.
„Останува жалење, разочарување, изгубив многу енергија. Не би рекол дека направив многу лоши работи, но тој беше одличен. Беше подобар во важните моменти. Му честитав и му реков дека заслужува да победи. Играше неверојатно, му посакав среќа. Нивото на тенис што го покажа создава возбуда околу него, а денес видовме зошто. Кој и да игра со мене, мора да ме добие, можам да бидам горд на тоа. Едно е сигурно, таа витешка нишка и борба, тој дух на волк што го носам е секогаш присутен – дури и да играв на една нога, нема да му се предадам лесно на никого. Кога некој ќе ме победи вака, ќе кажам пофалби“, рече меѓу другото Ѓоковиќ, фалејќи го Фонсека.



