Актуелниот состав на Судскиот совет кој неколку пати го прекршува законот и деловникот за работа не може да ја штити независноста на судството, да го подобри угледот на судскиот систем, ниту да гарантира отчетност и квалитет во работата на судиите. Вака смета групата на граѓански организации за борба против корупцијата според која, секој член на Судскиот совет треба да поднесе оставка за да се овозможи нормално функционирање на оваа институција.

„Платформата со жалење констатира дека Советот продолжува да ги темели своите одлуки врз незаконско постапување, со што ја урнисува веќе лошата репутација на правосудството во јавноста. Имајќи предвид дека неправото не може да стане право, Судскиот совет ја изгуби легитимноста да биде тело кое ќе ја штити судската независност, ќе ја унапреди репутацијата на судскиот систем во јавноста и ќе гарантира отчетност и квалитет во работата на судиите. Затоа, бараме од актуелните членови да поднесат оставки и да овозможат формирање на друг состав на Советот, како единствен кредибилен начин за надминување на состојбите предизвикани од незаконско постапување на Советот“, велат од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

Меѓу главните причини за ова барање е седницата од 26 април каде поранешната претседателка Весна Дамева беше разрешена спротивно на законот, а потоа, повторно без да се предвиди такво нешто во законот, истата одлука беше повлечена. Потоа се наведуваат тајните седници од 4 мај без почитување на деловникот за работа и законските одредби за исклучување на јавноста, како и одлуката од 9 мај за бркање на телевизиските сниматели од салата каде што се одржуваше седницата.

Од друга страна, на третиот ден откако е на чело на оваа институција, Сашко Георгиев денеска побара уште една шанса од медиумите. Ќе одвоел пари од буџетот на Советот за државната новинска агенција МИА да може да ја емитува секоја седница во живо на Фејсбук.

Потсетуваме дека иницијатор на одлуката за незаконско разрешување на Весна Дамева беше потпретседателот на оваа институција, Селим Адеми. Самиот тој неколку дена потоа поднесе оставка, но и понатаму е на истата функција. Неофицијално се дознава дека членовите на советот не се согласуваат кој ќе го замени. Во меѓувреме, министерот за правда Кренар Лога денеска најави итни интервенции во Законот за Судскиот совет.