Никој од вкупно 35 физички и три правни лица, обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани не чувствува вина за 63 жртви кои загинаа на концерт во март годинава. Дел од нив изразија сочувство, но првообвинетиот, Дејан Јованов, сопственик на дискотеката не кажа ниту збор за загинатите деца, туку само кажа дека вина не чувствува. На сите им се суди за тешки дела против општата сигурност ,за кое дело е предвидена казна затвор од 3 до 20 години.
По изјаснувањето за вина на обвинетите, ќе следуваат воведните говори на адвокатите. Судењето е во тек во судницата близу затворот во Идризово.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.



