Познатиот холивудски актер Расел Кроу ги изненади обожавателите откако ја избричи својата препознатлива густа брада за првпат по пет години.

Имено, 59-годишниот актер објави фотографија на својот профил на социјалната мрежа Икс и на своите следбеници им го покажа новиот изглед. Расел во последните години стана препознатлив по густата сива брада, но се чини дека решил дека е време да се ослободи од неа. Тој всушност откри дека ова е првпат да се избричи во последните пет години и навести дека тоа е поради нова филмска улога.

„Леле, изгледаш 20 години помладо“; „Добро изгледаш“; „Имаш убаво лице зад целата таа брада“; „20 години помлад сега“; „Сакам да знам каков филм ќе правиш“, беа дел од коментарите што ги доби од своите обожаватели.

Инаку, Расел, кој е роден во Нов Зеланд и живее во Сиднеј, оваа година се подготвува за различни актерски проекти. Ќе игра во акциониот филм за ММА „Ѕверот во мене“, тој ќе го игра и нацистот Херман Геринг во историската драма на Џејмс Вандербилт „Нирнберг“. Неодамна го сними трилерот „Земја на лошото“ заедно со Лијам и Лук Хемсворт, додека треба да се појави и во претстојниот научно-фантастичен филм „Ловецот Крејвен“.