Неизвршување на функцијата уставен судија се најавите за неприсуство на седниците на Уставниот суд, смета поранешната судијка во судот во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска.
По најавите на уставните судии Осман Кадриу и Насер Ајдари дека ќе ја бојкотираат седницата на која ќе се расправа за Законот за јазици, Николовска вели дека судиите во Уставен имаат обврска да го изнесат своето мислење по конкретен предмет но нивни избор е дали ќе се согласат со судијата кој го подготвил рефератот.
-Имаат можност да дадат издвоено мислење и она што е најважно да ги презентираат апсолутно сите аргументи коишто сметаат дека се релевантни за дадениот предмет. Не гледам како може функција на уставен судија да се обавува со изјава дека нема да дојде на седница. Тоа е за мене неизвршување на функцијата којашто ти е дадена со најголемиот акт на државата а тоа е Уставот. – Маргарита Цаца Николовска – Поранешен судија
Најавата за бојкотирање на седницата судијата Кадриу вчера ја правдаше со тоа дека во случајот со Законот за употреба на јазиците се работи за надгласување и мајоризација за етнички права на Албанците кои се гарантирани со Устав. Но Цаца Николовска смета дека своите аргументи треба да ги образложат токму на седница на судот.
-Нивна обврска е да постапуваат во утврдување на уставност и законитост. Доколку некој смета дека тоа е направено или не е направено, преку своето размислување, преку своето гласање ќе ја презентира одлуката, а не на некој начин да се крие зад она нешто кое не го кажува. Не прифаќам кажување или давање на мислење пред јавност без пред тоа да се постапува во судските размислувања на уставните судии.- Маргарита Цаца Николовска – Поранешен судија
И покрај најавите за бојкот на Кадриу и Ајдари, седницата во среда најверојатно ќе се одржи, со оглед на тоа дека според информациите за судот ова би бил легитимен потег бидејќи формулацијата „полн состав за сложени прашања“, донесена во заклучокот од пред две години, се толкува како избрани деветмина судии, а не присуство на седница на сите девет судии, ако се има предвид дека долг период Уставен работеше без пополнети судиски места а сега е во полн состав.