Никола Јокиќ беше најдобар на теренот во убедлива гостинска победа на Денвер против Оклахома од 128-95, Дамјен Лилард потфрли во меч за Милвоки кој загуби на домашен терен од Атланта со 127-110.
Трет меч, трета победа за Денвер и овојпат најдобар беше Никола Јокиќ. Србинот уфрли 28 поени, имаше и 14 скокови и пет асистенции.
Денвер уште во првата четвртина направи двоцифрена предност која ја зголемуваше до крајот на мечот, имаше целосна контрола врз резултатот и на крајот убедливо победи со 128-95.
Покрај Јокиќ одличен во тимот на Денвер беше и Портер со 20 поени и девет скокови, Мареј постигна 19 поени, во составот на Оклахома најефикасен беше Холмгрен со 19 поени.
Лилард кој имаше неверојатна партија во деби мечот за Милвоки, синоќа беше непрепознатлив против Атланта. За 29 минути постигна само шест поени со шут 2/12.
Атланта направи изненадување во овој меч кој не само што го доби, туку постојано беше во водство. Клучно беше првото полувреме во кое беа подобри со 68-47. На крајот славеа со 127-110.
Тоа беше тимски меч во кој најефикасниот кај Атланта, Тре Јанг постигна 20 поени, а имаше и 11 асистенции. Најдобар кај Милвоки беше Адетокумбо со 26 поени и 11 скокови.
Резултати:
Оклахома – Денвер 95-128, Хјустон – Голден стејт 95-106, Милвоки – Атланта 110-127, Филаделфија – Портланд 126-98, ЛА Клиперс – Сан Антонио 123-83, Сакраменто – ЛА Лејкерс 132-127