За 13 години бројот на средношколци во Македонија е намален за 24 илјади ученици, покажуваат податоците. Годинава, дури ни во популарните скопски гимназии не беа пополнети слободните места во прва година средно.

Бројот на ученици во Македонија рапидно се намалува во изминатата деценија. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во учебната 2009/2010 година во средните училишта во земјава имало над 95 илјади ученици, додека во 2021/2022 година имало 71 илјади средношколци. Тоа е намалување за над 24 илјади ученици или една четвртина од учениците за само 13 години.

Рекорден брод на средношколци во изминатите две децении имало во 2005/2006, кога биле запишани скоро 96 илјади ученици, но за споредба ја зедовме 2009/2010 година, кога веќе важеше законот за задолжително средно образование.

Показател за намалувањето на бројот на ученици е и тоа што познатите скопски гимназии „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“ и „Раде Јовчевски Корчагин“, за кои до пред неколку години се бараше место повеќе, не се наполнија ни по второто пријавување за претстојната учебна година. Слободни места останаа и во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ во Скопје, каде до пред неколку години имаше повеќе пријавени со сите петки од слободни места. Приемен испит сега ќе се полага само за фармацевтски техничар на албански јазик, каде што има пријавено поголем број кандидати со ист успех од основното образование.

За оваа учебна година беа отворени скоро 30 илјади слободни места за прва година средно образование, а се запишаа 15.481 ученици. Има уште еден уписен рок во август за оние кои се на полагање.