„Нетфликс“ објави трејлер за шпионско-хумористичната серија „FUBAR“, која е прв телевизиски проект за Арнолд Шварценегер. Серијата со осум епизоди ќе почне да се прикажува на 25 мај и 75-годишниот Шварценегер глуми оперативец на ЦИА кој е пред пензија.

„Каде и да одам, луѓето ме прашуваат дали ќе снимам уште една акциона комедија во стилот на ‘Вистински лаги‘. Па, еве ја! ‘FUBAR‘ ќе ве разбие и насмее, и тоа не само два часа, туку добивате цела серија“, изјави Шварценегер, чиј последен филм излезе пред четири години.

Во најавата на серијата се вели дека Шварценегер глуми оперативец на ЦИА кој открива голема семејна тајна, а тоа е дека и неговата ќерка Ема (Моника Барбаро) работи за истата агенција.