Според една древна мудрост, целта на животот е да се спознаеме себеси. Во односите со луѓето често се чувствуваме погрешно разбрани и збунети. Тешко ни е да се ставиме во кожата на другите и да се обидеме да ги разбереме. Станува уште потешко кога не можеме да знаеме кои се нашите вистински желби. Дали имаме храброст да си ги признаеме нашите слабости и силни страни и дали успеваме да бидеме она што навистина сме? Кои се причините што нè тераат да се сопнеме на патот напред? Во следните редови ќе ви кажеме некои од најчестите грешки кои можеби го попречуваат вашиот развој. Тука се:
Она што најмногу ве кочи во животот… сте вие самите
Секако, постојат околности во животот кои се надвор од ваша контрола и кои можат да го спречат остварувањето на вашите планови. Но, личноста која е најодговорна за се што се случува сте вие самите. Запомнете – вие сте на возачкото место! Кажувајќи го ова, секако не ве охрабруваме да почнете да се обвинувате себеси – напротив. Сфаќањето дека вашиот живот зависи од вас, всушност ви ја враќа моќта. Моќта што сте ја дале на другите луѓе, дозволувајќи им да владеат со вашиот живот!
Имате погрешен фокус
Ако постојано се жалите колку ви е лошо, немате пари и како односите со луѓето не ви одат добро – размислете каква енергија испуштате. Не можете да привлечете љубов, изобилство, здравје, среќа ако постојано сте фокусирани на спротивното. Во комуникацијата со другите, понекогаш зборовите не се ни потребни. Затоа немојте да се изненадите ако забележите дека одеднаш сите ваши пријатели почнуваат да ве избегнуваат. Размислете какви сигнали им давате и какви пораки испраќате до универзумот.
Постојано се обидувате да им угодите на другите
Горчливата вистина е дека колку и да се трудите, не можете да ги усреќите сите. Ако сте навикнати вечно да им угодувате на оние околу вас и да се трудите да се чувствуваат добро, на крајот ризикувате да ја потрошите сопствената среќа. Оваа ваша преокупација може брзо да стане деструктивна сила која ве спречува да го постигнете она што навистина го сакате во вашиот живот.
Се плашите
Се разбира, сосема е нормално да чувствувате страв, особено ако сте на работ на големи предизвици во животот. Меѓутоа, ако стравот ве спречува да се движите напред и да растете, тогаш тоа може да биде сериозен проблем. Разберете дека силата не е во тоа да не се плашите, туку да ги правите работите што ги сакате и покрај стравот.