Група скандинавски научници дошле до заклучок кој може да ги исплаши фитнес-ентузијастите. Имено, излегува дека вежбањето не ни помага да живееме подолго, всушност, може да го забрза стареењето.

Истражувањето било спроведено од научници од Универзитетот во Јиваскила во Финска. Од 1975 до 2020 година тие проучувале повеќе од 11.000 фински истополови близнаци. Учесниците сами си воделе евиденција за тоа колку вежбале во просек, а потоа, во зависност од нивните навики, биле поделени во четири категории: седентарни, умерено активни, активни и многу активни.

Резултатите покажале дека оние што најмалку вежбале имале околу 20 отсто поголеми шанси да умрат во текот на 45 години отколку оние што биле умерено активни. Меѓутоа, кога биле земени предвид факторите на животниот стил како што се образование, индекс на телесна маса, пушење и консумирање алкохол, ситуацијата се променила.

Луѓето што главно биле седентарни имале само 7 отсто поголема веројатност да умрат од оние што биле активни, а не биле пронајдени дополнителни придобивки од високото ниво на вежбање. Всушност, оние што биле многу активни биолошки побрзо старееле. Физички најактивните лица во просек биле 1,8 години постари од најмалку активните.

Иако истражувањето сè уште не е рецензирано, тоа неодамна освои национална награда за спортска медицина во Финска, каде што се спроведувало во изминатите 45 години.

Светската здравствена организација вели дека на лицата на возраст од 18 до 64 години им треба најмалку 150 до 300 минути аеробна физичка активност со умерен интензитет или 75 до 150 минути анаеробна физичка активност со висок интензитет неделно.