Професорката Мирјана Најчевска на социјалните мрежи пишува дека според амандманот на Уставот на Македонија, на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Како што додава, друг јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено во овој член.
„Личните документи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се издаваат на македонски јазик и неговото писмо, како и на тој јазик и неговото писмо во согласност со закон. Кој било граѓанин кој живее во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, во комуникацијата со подрачните единици на министерствата, може да употреби кој било од службените јазици и неговото писмо. Подрачните единици надлежни за тие единици на локална самоуправа одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребува граѓанинот. Секој граѓанин во комуникација со министерствата може да употребува еден од службените јазици и неговото писмо, а министерствата одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот. Во органите на државаната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон. Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20 отсто од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20 отсто од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа“, коментира Најчевска.

Вели дека во Уставот не е предвидено службен јазик во меѓународна употреба да биде друг јазик освен македонскиот. Додава дека правната служба во Министерството за надворешни работи (МНР) требала ова да му го објасни на министерот Бујар Османи.
За обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека министерот за надворешни работи Бујар Османи го прекршил Законот за јазици, поради тоа што говорел на албански јазик на официјални средби, премиерот Димитар Ковачевски смета дека она што го прави опозицијата е една од низата на хистерии кои што сака да ги шири во општеството.