Најдобриот македонски тенисер по голема борба со 2-1 (4-6, 7-6, 6-2) го победи домашниот тенисер Николас Давид Јонел во првото коло на Челинџер турнирот кој се игра во Јаши, Романија.

Ивановски ја оствари својата прва победа на Челинџер турнир откако го совлада противникот Јонел кој е на 192. место на АТП листата, речиси 180 позиции подобар од нашиот тенисер.

Романецот го доби првиот сет со 6-4, а во вториот Ивановски успеа да спаси две меч топки и во тајбрејк со 7-4 да израмни на 1-1. Во третиот решавачки сет, нашиот тенисер победи со 6-2 за триумф од 2-1 во сетови.

Во второто коло Ивановски за противник ќе има уште еден Романец, Филип Кристиан Јиану кој е рангиран на 312 позиција на АТП. Тој вчера во два сета со убедливи 6-2 и 6-1 го совлада Французинот Енцо Куаку од Франција кој беше седми носител на турнирот.