„Error, 503 Service Unavailable“, внесени повеќе оценки а регистрирана само една, исфрлање од систем и повторно логирање, потешкотии во подготовката извештаи за успех и поведение, пишува новинската агенција Мета. Оваа се само дел од проблемите со кои се соочуваат наставниците деновиве при внесот на податоци во електронските дневници. Пишани дневници веќе неколку години нема, па електронските се единственото место каде што се пишуваат сите содржини – оценки, изостаноци, дневни подготовки, извештаи од реализирани екскурзии и т.н.

Во групата на Фејсбук „Поддршка за онлајн настава“, Мета.мк праша наставници и родители, дали и со какви проблеми се соочуваат при користењето на овој систем.

„И среде ноќ има проблеми и преку ден. Повеќето наставници успеваат да внесат оцени (со голема мака, чекање, исфрлање од систем, повторно логирање), но класните едвај си ја завршуваат обврската со изготвување на извештај за успех и поведение, бидејќи треба да листаат страни. А страните не се листаат“, гласи еден од коментарите.

„Е-дневникот во поголем дел од денот не функционира. Неправилно меморира внесени податоци, брише“, гласи друг коментар.

Системот е помалку оптоварен навечер

Некои наставници велат дека во работно време има проблеми со најава во системот и со внесување податоци, но затоа полесно е за работа по полноќ, кога системот не е оптоварен со многу корисници.

Наставничка од Неготино, во телефонски разговор за Мета.мк кажа дека како што ги внела податоците за период од три недели, наеднаш ѝ ги снемало, односно не се зачувале.

„Не можеме да одржиме наставнички совет ако немаме внесено годишни оценки во е-дневникот. За да дадам извештај за моето одделение, мора да имам извадено среден успех на одделението. А како тоа да го направам, кога имам технички проблеми. Внесувам податоци во два часот по полноќ оти тогаш има повеќе шанси да се работи“, вели наставничката.

Во врска со проблемите со е-дневникот реакции добиле и во Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК). Претседателот Јаким Неделков за Мета.мк вели дека откако реагирале наставници, разговарал со министерот.

„Веројатно ќе биде продолжен рокот на внесување оценки во електронскиот дневник“, рече тој.

Реакција за нефункционалноста на системот има и од Нeзависниот синдикат за образование и наука (НСОН).

„Крајно време е да се направи надградба на серверите на е-дневникот за истите да можат да бидат компатибилни за употреба за преку 30.000 наставници со цел навремено и професионално извршување на работните задачи“, наведено е во нивната реакција.

И корисниците родители наидуваат на потешкотии при обидот да се најават и да го видат успехот на нивните деца. Најчесто се случува да се појави текст „Серверска грешка“.

МОН: Летово ќе се тестираат новите софтвери

Во врска со овој проблем, Мета.мк се обрати до Министерството за образование и наука (МОН). Оттаму велат дека летово ќе ги тестираат новите софтвери, за да можат да ги пуштат во употреба од идната учебна година.

„Со поддршка од ЕУ преку ИПА фондовите, уште лани започнавме процес на изработка на нов ЕМИС систем и нов електронски дневник. Тој процес е во напредна фаза, односно во текот на летниот период ќе се направи тестирање на новите софтверски решенија од страна на МОН, Бирото за развој на образованието (БРО), Државниот просветен инспекторат (ДПИ), Државниот испитен центар (ДИЦ), наставници од училишта. Во план е системите на есен да бидат пуштени во употреба, со што очекуваме да се надминат проблемите кои се детектирани во старата хардверска и софтверска инфраструктура во изминатите години“, ни одговорија во МОН.