Над 4.000 македонски граѓани од почетокот на оваа година добиле дозвола за престој и работа во Хрватска, која пред ова лето се соочува со огромен недостиг на сезонски работници. Како што ни изјавија од хрватското Министерство за внатрешни работи, бројот на одобрените работни дозволи за македонските граѓани е зголемен за 60% во споредба со истиот период лани.

„До крајот на април, на македонските државјани им се издадени 4.091 дозвола за престој и работа во Хрватска, додека во истиот период лани биле издадени 2.546 дозволи. Од нив, 746 дозволи се однесуваат на сезонското вработување“, велат од МВР на Хрватска.

Од 1 јануари 2021, хрватската влада веќе не утврдува годишни квоти за издавање работни дозволи за граѓаните на трети држави, во кои спаѓа и Македонија, бидејќи не е членка на ЕУ. Единствените ограничувања за еден странец се да не е осудуван за кривично дело, да не е закана за националната безбедност и јавното здравје и да нема забрана за влез во Хрватска, односно во Шенген зоната.

„Одам преку агенција, но директно контактирав и со хотелот на Брач, каде што ќе работам како келнерка. Покрај месечната плата, хотелот ми обезбедува и сместување и два оброка на ден. Предвидено е да работам осум часа на ден, шест дена неделно, а ако сакам да променам работа, тоа може да биде само во хотелите од истиот ланец. Мојот договор е на три месеци, а имаше и опција за пет, но тие веќе се заминати“, вели 20-годишна студентка од Скопје, која првпат одлучила работно да помине едно лето.

Според податоците од крајот на април, на Хрватска ѝ недостигаат 60.000 работници, што е околу десет отсто повеќе од лани. Хрватскиот сајт „Индекс“ пишува дека уште во јануари на големо почнале да се објавуваат огласи за работа, а работодавците барале работници од сите области: од собари, готвачи, келнери и бармени до портири, рецепционери и хигиеничари.

„Недостига апсолутно сè. Се нудат плати од 2.000 евра за готвачи и над 1.000 евра за келнери и повторно многу малку домашни работници се пријавуваат“, вели Марина Цвитиќ, претседателката на Синдикатот на Истра, Кварнер и Далмација.