Македонската православна црква нема став за велигденското послание на владиката Петар во кое родовата еднаквост е опишана како богохулство. Портпаролот на црквата, владиката Тимотеј, вели дека ова е лично мислење на Петар, иако не е далеку од вистината.
Граѓаните но и невладините, сметаат дека е тажно да се слушаат вакви изјави во 21 век.
Родовата еднаквост ја немаше на дневен ред на синодската седница на Македонската православна црква на Охридската архиепископија.
Портпаролот на црквата, владиката Тимотеј, вели дека затоа не може да ја коментира изјавата на неговиот колега, иако не се оградува од ваквиот однос кон жените.
Владиката Петар во велигденската честитка рече дека на земјата и се заканува опасност наречена родова еднаквост. Според бискупот, „родовата еднаквост е богохулна, неприродна и изопачена теорија“.
„Ние како Црква не сме разговарале, тоа е лично мислење, но не е далеку од вистината“, изјави владиката Тимотеј за РСЕ.
Тој во својата куса изјава истакна дека не ги следи јавните настапи на владиката Петар и дека нема што да коментира или да ги искаже своите ставови. Но, не сакаше да даде објаснување, што точно мисли кога вели, не е далеку од вистината.
Владиката Петар во своето видео обраќање го нарече невкусен транспарентот од протестот на 8 март, кој содржеше вулгарна порака до црквата да ги тргне рацете од правата на жените.
Во својот говор, тој се осврна на феминизмот, велејќи дека пред неговото појавување и еманципација, жената била мајка и домаќинка, а денес е високо еманципирана со забележителни позиции во општеството, но често разведена и самохрана мајка.
„На нашето општество му се заканува уште поопасна, погубна и отровна идеологија – родова еднаквост. Оваа идеологија, односно манипулативна терминологија е богохулна, неприродна, изопачена, Бог создал машко и женско, а секоја промена во Божјата креација е ненормална и затоа неприфатлива“, рече владиката Петар.