ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „СЛАВЕ КАТИН – ЖИВОТ И ДЕЛА“
Петтата монографијата „Гога Печенковски“ (2004),„Македонска искра“ од Скопје, е приватно издание, кое е отпечатено на 154 страници, на македонски јазик. Во ова дело е претставена историјата на семејството Печенковски која е тесно поврзана со настаните во Македонија, со нејзината историја. Нивната неверојатна приказна е македонски летопис за опстојувањето на Македонците, за кои тешко можат да се најдат слични примери во историјата на кој било народ.
Животната историја на Гога Печенковски е, истовремено, историја на Преспа, а преку неа и на Македонија. Зошто она што се случило од најраните времиња на Александар Македонски (Велики), преку незаборавните битки на цар Самуил, до оние на Гоце Делчев, Стив Наумов и Мите Богоевски, во регионот на Преспа, ја одразува целата историска голгота низ која минувала Македонија, од нејзиното прогласување до независна и суверена држава.
Инаку, Гога Печенковски е роден во Долно Перово, село кое се наоѓа на средишниот дел од територијата на Општината Ресен, а непосредно до северниот брег на Преспанското Езеро. Селото е рамничарско, на надморска височина од 850 метри, како и езерото. Од Ресен населбата е оддалечена околу десет километри.
Тоа е типично езерска населба и е поделено на Долно и Горно Перово. Таму се наоѓаат најплодните овоштарски насади во Преспа. На овој простор, Господ како обилно да дарил богатство во земјоделството. Затоа, овошните производи од тој северен дел на Преспанското Езеро се познати и барани на пазарите во Македонија и пошироко.
Перово се наоѓа на речиси иста надморска височина како и Преспанското Езеро. Според легендата селото го добило своето име по некој човек по име Перо, кој како рибар нашол засолниште на брегот на Преспанското Езеро и се населил на местото каде се наоѓа неговата денешна местоположба.

Родното место на Гога Печенковски, Долно Перово има педесетина куќи кои се речиси на самиот брег на Езерото, а Горно Перово со дваесетина современи градски куќи е нова населба на двете страни на патот Битола – Отешево. Перово со своите 180 жители, кои претежно се занимаваат со овоштарство, а и со рибарство, е стара маке-донска населба во која отсекогаш живеат само православни Македонци.
Често се вели дека убаво е во цела Преспа во есен кога разновидните бои се преплетени како пајажина, кога мирисот на зрелите јаболка се разнесува низ чистиот воздух. Прекрасно е во зима кога планините надвиснале над Езерото, а летовите и звукот од пеликаните се пренесуваат по езерската шир.
Но, Преспанското Езеро е најубаво во пролет кога јагликата ги пробива последните остатоци на снегот на Галичица и Пелистер и во лето кога свежината од Езерото го исполнува треперливиот воздух и е преполно со многубројни капачи и риболовци.
Во непосредна близи на селото Перово постојат неколку стари локалитети на копно и во Преспанското Езеро. Во него има една црква, „Свети Атанасије Велики“ блиску до Дрменска Река, која е изградена во 1867 година а реновирана во 1993 година. Но, се чини како Перово да е дел од туристичкиот комплекс Отешево.
Тоа произлегува од фактот што Долно Перово се наоѓа на крајбрежната линија на Преспанското Езеро, една од најблиските населби до Сир Хан, а со тоа и до Отешево и Царина. Во овој туристички простор и во минатото и денес, нашле вработување и луѓе од Долно и Горно Перово и од други места.
Треба да се нагласи дека Ресен, каде Гога Печенковски помина голем дел од животот и цела етничка Преспа се богати со Преспанското Езеро, националните паркови Галичица и Пелистер, кои на регионот му даваат посебна убавина. Преспанското Езеро е второ по големина езеро во Република Македонија.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН





