Британскиот актер Даниел Редклиф, кој стекна светска слава со главната улога во филмскиот серијал „Harry Potter“, откри дали повторно ќе го отелотвори најпознатиот фиктивен волшебник на телевизиските екрани.
Во разговор за „Комик бук“, тој проговори за новата телевизиска серија за Хари Потер, базирана на седумте фантастични книги напишани од британската авторка Џ. К. Роулинг.
Редклиф откри дека шансите да се врати во новата серија се прилично мали.
„Како што разбрав, тие се обидуваат да започнат од почеток и сигурен сум дека тој што ја создава серијата ќе сака да остави свој белег и, веројатно, не ни размислува како да го вклопи стариот Хари (Потер). Значи, дефинитивно, не го барам тоа на никаков начин“, изјави актерот.
Исто така, Редклиф му ја посака „сета среќа на светот“ на актерот кој ќе ја преземе улогата на Хари Потер.
„Многу сум возбуден што ‘диригентската палка’ е предадена, но мислам дека не треба лично да ја префрлам“, рече тој.
Во јануари 2021 година, беа објавени ексклузивни информации дека се подготвува серија за Хари Потер на Ејџ-би-о Макс. Веста не беше официјализирана сѐ до април годинава, кога извршниот директор на „Ворнер брос“, Дејвид Заслав, ги претстави плановите за серијата.
„Приказните од секоја од книгите на Џ.К. Роулинг ќе станат децениска серија, создадена со истата епска вештина, љубов и грижа по која е позната оваа глобална франшиза. Серијата ќе има нова актерска екипа, ќе биде полна со фантастични детали, сакани ликови и драматични локации кои обожавателите на Хари Потер ги сакаат повеќе од 25 години. Секоја сезона ќе биде автентична за оригиналните книги и ќе ги донесе неверојатните авантури на Хари Потер до нова публика низ целиот свет“, вака гласи описот на новата серија.