Новиот документарен филм на Селин Дион (56) ја прикажува здравствената борба на пејачката, како нејзината болест ѝ влијае на гласот и како изгледа  нејзиното секојдневие „зад кулисите“.

Во декември 2022 година, музичката дива сподели дека ѝ е дијагностициран синдром на вкочанета личност, кој ги претвора луѓето во живи статуи. Тогаш таа сподели дека ќе ги откаже концертите од нејзината претстојна концертна турнеја.

Синоќа се одржа премиерата на филмот „Јас сум: Селин Дион“ („I Am: Celine Dion“), на која присуствуваше и пејачката.

„Не ми се верува колку сум богата што имам вакви обожаватели во мојот живот“, изјави Дион, која плачела по премиерата на документарниот филм во Њујорк, пренесе „Пипл“.

„Вашето присуство на моето патување беше подарок. Вашата љубов и поддршка ме турнаа напред низ сите проблеми“, изјави емотивната пејачка.

Покрај фановите, пејачката се заблагодари и на својот тим, но и на децата.

„Се разбира, никогаш немаше да застанам пред вас доколку ја немав поддршката и љубовта од моите деца. Од срце ви благодарам на сите што бевте дел од моето патување. Овој филм е љубовно писмо до сите вас“, изјави Дион, за што беше наградена со громогласен аплауз.

Да потсетиме, синдромот на вкочанета личност е ретка невролошка болест со карактеристики на автоимуно заболување. Оваа состојба погодува само еден од милион луѓе, главно на возраст од 20 до 50 години. За жал, нема лек за оваа здравствена состојба, но симптомите можат да се ублажат со соодветни третмани.