Поп пејачката Мијата утревечер од 20 часот ќе одржи концерт во Куршумли ан во Скопје, на кој ќе го промовира својот втор албум насловен „Вида“. Концертот е дел од Скопско лето, а Мијата ќе настапи во придружба на петмина музичари и тројца пратечки вокали. Меѓу најавените десетина гости се „Фолтин“, Дамир Пух, Глигор Кондовски, но и оперски пејачи.

Иако Мијата е активна на музичката сцена повеќе од 15 години, ова ќе ѝ биде прв солистички концерт.

„Подготовките за концертот ми потврдија дека порано не ќе беше вистинското време. Вака некако природно дојде шансата во едно позрело музичко издание да се претставам концертно пред својата публика на начин кој доликува на моите години. И порано чувствував дека музиката што ја снимам и пренесувам е повозрасна од моите години. Сега некако се стасавме“, вели Мијата во најавата на концертот.