Нема никакво идеолошко крило во ВМРО-ДПМНЕ што е подготвено да разговара со Бујар Османи, тврди лидерот Христијан Мицкоски, по изјавата на министерот дека во следниот период ќе ја интензивираат комуникацијата со луѓето од опозициската партија, кои наводно, имаат различен став од раквоодството во однос на евроинтеграциите.

Мицкоски останува на ставот дека ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставни измени под овие околности и повтори дека ако макар еден пратеник крене рака „за“ тој ќе си замине од политиката.

Според Мицкоски тоа им го кажале и на последните две паралелни средби со евроамбасадорот Гир, како и онаа меѓу четворица пратеници од ВМРО-ДПМНЕ со заменик шефот на мисијата на САД Ерик Мајер во американската амбасада. Вели вакви средби ќе има и во иднина, а ако добие поинакви аргументи од другата страна остави простор да ги прифати.

Мицкоски, испрати низа критики на сметка на ДУИ и Али Ахмети, особено за случајот со купувањето на „Соравија“ од неговиот внук, а на Ахмети му порача дека кариерата ќе ја заврши како обичен криминалец.

Прашан за случајот „Феникс“ во кој осомничени за криминал се поранешни високи функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски оцени дека станува збор за театар за да се скријат криминалите на власта, а на ваков начин според него се негира македонскиот идентитет, бидејќи тие споменици го покажувале историскиот континуитет на македонскиот народ за своја држава и идентитет. Го повика истиот обвинител да отвори истрага и да провери кој дал дозвола за градба и ги финансирал спомениците во Слупчане, Зајас и Колари.