За една недела тројца починаа, четвртиот се бори за живот, а петтата е под истрага за евентуално труење на гостите со диви печурки. Но, 48-годишната жена која го готвела ручекот вели дека нема поим што се случило, дека го сакала своето семејство и дека немало да им наштети, пишува Би-би-си.
Случајот привлече национално внимание, ја збуни полицијата и ја вознемири локалната заедница. Необичната приказна започнала кога Гејл и Дон Патерсон седнале на ручек со своите внуци во домот на нивната снаа Ерин Патерсон во Леонгата – два часа возење југоисточно од Мелбурн. Со нив биле Вилкинсонови – сестрата на Гејл Хедер и нејзиниот сопруг Иан. Сите четворица биле жители на блискиот град Корумбура, каде што Иан бил свештеник на локалната баптистичка црква.
Сепак, тоа не бил обичен ручек. Неколку часа по оброкот, сите гости биле однесени во локалната болница поради гадење. Набрзо станало јасно дека се работи за нешто многу полошо и биле однесени во болница во Мелбурн за да ја добијат најдобрата можна медицинска нега.
И покрај тоа, Хедер (66) и Гејл (70) починале во петокот, а Дон (70) во саботата, додека Иан (68) останува во критична состојба во болница и чека трансплантација на црн дроб. Полицијата вели дека верува дека јаделе зелени печурки, многу отровна и често смртоносна печурка.
Изненадувачки, Ерин и нејзините две деца се добро. Полицијата вели дека двете деца – кои оттогаш се преземени на државна грижа како мерка на претпазливост – јаделе различен оброк. Инспекторите велат дека не се сигурни дали Ерин јадела иста храна како нејзините гости, па дури и дали во садот што го послужила имало печурки. Тие, исто така, забележале дека таа е разделена од нејзиниот сопруг, но тоа го опишале како „пријателска“ разделба. Сепак, се уште не е исклучено дека таа намерно ги отрула гостите.
„Во овој момент смртните случаи се необјаснети. Едноставно не знаеме што се случило“, изјави вчера за новинарите Дин Томас од полицискиот оддел за убиства.
Ерин Патерсон вели дека не може да сфати што се случило. Таа во солзи зборувала со новинарите пред нејзината куќа и одбила да одговори на прашањата кои јадења на кои гости им биле послужени и од каде се печурките. Но, таа тврди дека е невина: „Не направив ништо, ги сакав“.
Како што веста за инцидентот се ширеше низ областа, така сите се шокираа. „Никој не би очекувал дека тоа ќе се случи овде“, изјавил регионалниот градоначалник Нејтан Херси за Би-Би-Си.
Во соопштението, семејствата на жртвите им оддадоа почит на починатите како „столбови на верата“ во заедницата. „Нивната љубов, непоколеблива вера и несебична служба оставија неизбришлив белег врз нашите семејства, баптистичката црква Корумбура, локалната заедница и луѓето ширум светот“, се вели во изјавата објавена во South Gippsland Sentinel Times.
Ерин е исто така вознемирена: „Гејл ми беше мајката што ја немав… моите деца ја изгубија својата баба. Никогаш не сум запознала подобри луѓе. уништена сум што ја нема“.
Ова не е прв пат австралиската држава Викторија да биде потресена од труење со печурки, а како што потрагата по храна во природата станува сѐ попопуларна, зелените вргањи сѐ почесто се мешаат со печурки за јадење. Тие се наоѓаат во ладна и влажна клима низ целиот свет и изгледаат многу поневини од многу други смртоносни видови. Печурката со зелено капче е одговорна за 90% од фаталните труења со печурки во светот, парче со големина на паричка е доволно за да убие возрасен човек, пишува Би-Би-Си.
Само во 2020 година, осум лица во Викторија завршиле во болница, од кои еден починал. Надлежните повторно ги повикаа луѓето да не јадат диви печурки. „Ако не сте ги купиле во супермаркет, можеби е подобро да се држите настрана од нив“.
Мистерија во Австралија: Тројца починале по семеен ручек, готвачката преживеала
Date: