Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски очекува по празниците власта да почне да врши притисок кон опозицијата и пратениците за поддршка на уставните измени. Тој во гостувањето во „Патот кон“ на Алсат кажа дека власта би користела уцени, закани и парични понуди за, како што додаде, некој да попушти. Според него, работата на групата за уставните измени во Министерството за правда од самиот старт е девалвирана.
„Академикот Камбовски, професорката Рената Дескоска и други, од нивни добри познати и пресметани причини, одбија да бидат дел од оваа група, затоа што знаат дека оваа работна група има за цел да претстави дека нешто се работи. Доколку Владата беше сериозна и смета дека има соодветна бројка ќе ги почнеше овие консултации во Собранието, каде што претседател на Комисијата за уставни прашања е господинот Талат Џафери“, рече Милошоски.
Во меѓувреме, се уште не се знае кога групата ќе започне со работа. Од Министерството за правда последно истакнаа дека таа треба најпрвин да се конституира, а потоа да го одржи првиот состанок, иако средбата беше најавена за неделава. Претставниците на власта претходно информираа дека откако групата ќе ги напише предлог-амандманите тие ќе бидат поставени на јавна расправа, а потоа ќе бидат испратени во Собранието. Од Министерството велат дека поканата за учество во работната група е отворена за експертите, но и за претставници од опозициските парламентарни партии кои одбија учество.
Првичните очекувања беа уставните амандмани да влезат во собраниска процедура кон крајот на мај, кога е и првиот тест за процесот, бидејќи започнува со изгласување потреба за промена на Уставот за што се неопходни 80 гласови. Останува неизвесно и дали на маса ќе се најде прашањето за замена на формулацијата „јазик што го зборуваат 20% од населението“ со „албански јазик“, бидејќи од Алијанса за Албанците истакнаа дека ќе го покренат прашањето, но коалициските партнери СДСМ и ДУИ одговорија дека сега приоритет е влезот на заедниците во Уставот, кои ќе овозможат непречено продолжување на преговорите за членство со Европската Унија.