Можеби една од најстарите британски рок-ѕвезди, Мик Џегер утре го слави својот 80. роденден, но се чини, фронтменот на „Ролинг стоунс“ не покажува знаци на стареење или забавување. Тој има намера да го прослави роденденот со голема забава во југозападен Лондон.

Тој неодамна беше на турнеја низ Европа по повод 60-годишнината на бендот. Со песни како „Jumpin’ Jack Flash“, „Gimme Shelter“ и „Sympathy for the Devil“, рок-составот помогна да се активира културната и социјалната експлозија од 1960-тите и подоцна. Турнејата заврши лани, но без тапанарот Чарли Вотс, кој почина во 2021 година.

Џегер, инаку, беше подложен на операција околу срцевиот залисток во 2019 година, но и покрај тоа, енергичниот шоумен одржува блескава фигура и одлична форма со својот режим на трчање, кик-бокс, возење велосипед и јога. 

Мајкл Филип – Мик Џегер е роден на 26 јули 1943 година во Дартфорд, јужно од Лондон, Англија. Почнал да свири со другарот од детството, Кит Ричардс во 1960., откако ја открија заедничката љубов кон блузот и го основаа „Ролинг стоунс“ во 1962., којшто за кусо ќе се дообликува со Бил Вајман и Чарли Вотс. Џегер во меѓувреме се откажа од Лондонската школа за економија, а 1965 година составот го имаше и првиот голем хит – „(I Can’t Get No) Satisfaction“. Следеа низа евергрини, како – „Brown Sugar“, „Honky Tonk Women“ и „Paint It Black“.