Кошаркарите на МЗТ Скопје продолжуваат со сигурни настапи на стартот од сезоната во домашното првенство. Актуелниот шампион го доби дербито од третото коло против ТФТ со 70-66 и стигна до третата победа во исто толку натпревари.
„Штрковите“ ја презедоа контролата уште во почетните минути и не ја испуштија предноста до самиот крај. По почетните 2-2, домаќините направија серија со која се одлепија на 16-6, а првата четвртина ја завршија со убедливи 25-10.
МЗТ продолжи во ист ритам и во вториот период, успешно одржувајќи ја разликата и не дозволувајќи му на противникот да се врати во натпреварот. На полувремето резултатот гласеше 41-28 во корист на шампионот.
И во продолжението домашниот состав имаше контрола врз случувањата на паркетот, но ТФТ не се предаде и во завршницата внесе неизвесност. Гостите во последната минута успеаја да ја намалат негативата на само три поени, сепак, МЗТ ги издржа последните налети и ја сочува победата со конечни 70-66.
За ТФТ ова е втор пораз во првите три кола, по неуспехот против Пелистер на стартот од сезоната. Претходно, тимот славеше против Скопје. МЗТ, пак, ги доби и претходните дуели со Куманово и Кожуф и засега има максимален учинок.
Шанса за совршен почеток има и Работнички, кој за два дена гостува кај Пелистер во Битола и со евентуална победа може да му се придружи на шампионот со три победи.





