Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко незаконски поставувал директори на неколку основни училишта во општината. Оваа информација заедно со документите до Основното јавно обвинителство е испратена од Државната комисија за спречување на корупцијата.

„За назначувањата во сите овие институции ОЈО Струга веќе претходно има оформени предмети од почетокот на годинава и се прават проверки. Во предистражна постапка се проверуваат и други назначувања, но јавното обвинителство не е во можност да споделува детали во интерес на постапката“, наведуваат од ОЈО.

Во иницијативата на ДКСК испратена до струшкото обвинителство се вели дека во овој случај станува збор за класична злоупотреба на службената положба од страна на градоначалникот Мерко. Станува збор за незаконско поставување на директори во училиштата во Велешта, Подготци, Радолишта, Лабуништа, а спорно е поставувањето на директорката и во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Струга. „Таа нема лиценца за директор и доаѓа од гимназијата „Ибрахим Темо”, каде предава албански јазик, а веќе една година е поставена за директорка во ова основно училиште. Очигледно е дека за вечниот функционер на ДУИ Рамиз Мерко не важат никакви закони и правила. Мерко, за кој со години се провлекуваат скандали и нема никаква одговорност, продолжува со неговото незаконско владеење, овој пат при поставувањето на директори“, соопшти Левица.

Според оваа партија, молкот за ваквите скандалозни одлуки од страна на министерот за образование Јетон Шаќири е очекуван, со оглед на фактот дека токму Шаќири е студент на контроверзниот струшки Универзитет, кој е во сопственост на Рамиз Мерко.

„Токму Шаќири незаконски станал доцент на Универзитетот на Мерко, па очекувано е дека овој министер не може да спроведе никакви реформи во образованието. Односно, дипломата на Шаќири е признаена во 2017 година, кога веќе тој бил именуван за доцент на струшкиот универзитет – што значи дека тој бил именуван за доцент без признаени докторски студии“.

Од Алијанса за Албанците бараат министерот за образование, Јетон Шаќири, веднаш да му ги одземе ингеренциите на Мерко.

„Вашата интервенција, колку и да е минимална, ќе го запре трендот на интервенција на политиката во основното и средното образование во општината, како и падот на нивото на образованието во општина Струга, додека вашето неинтервенирање како што сте направиле до денес ќе докаже дека сте контролирани од нон Мерко…“, вели Љуљзим Насуфи, претседател на АА Струга.

Поранешниот просветен инспектор, Ѓорѓи Илиевски вели дека во неколку училишта именуваните биле по два пати на таа функција и не биле од редот на вработените, туку донесени од надвор.