Градоначалникот на Струга најави дека ќе ја достави потребната документација, бидејќи „секогаш бил транспарентен за органите на правдата и за сите други институции“. Обвинители и судии, пак, заминаа во контрола на колегите од Струшкиот суд и Обвинителство за да проверат дали ги чувале во фиока предметите на Мерко и дали имале притисок при постапувањето за нив.
Обвинители и судии во контрола на колегите од Струшкиот суд и Обвинителство веќе проверуваат дали затаиле, дали ги чувале во фиока и дали имале притисок при постапувањето со предметите за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, откако минатата недела Стејт департментот него и семејството го ставија на црната листа на САД поради наоди за негова вмешаност во значителна корупција, злоупотреба на фондови и мешање во судството.
Контрола од Републичкото јавно обвинителство од денеска е во струшкото Обвинителство и во Вишото обвинителство во Битола, додека утре тричлена комисија од Судскиот совет ќе ја проверува работата на колегите од Судот во Струга.
И додека Стејт департментот го крена на нозе правосудството, а поради предметот со набавката на луксузното „ауди“ за Општината „војна“ отворија Судскиот совет и Антикорупциска, Мерко дури вчера, една недела откако е на црната листа на САД, се огласи дека ќе соработува со правосудните органи.
Рамиз Мерко, пак, не собра храброст да излезе лично пред медиумите, туку преку соопштение порача дека ќе соработува со правосудните органи. Тој вели дека од претседателот Вудроу Вилсон па до денес, САД се наш сојузник во секој предизвик и со кој заедно се реализирани многу значајни проекти за државата, градот и граѓаните на Струга.
„Секогаш ја поздравувам и ја поддржувам континуираната американска поддршка за нашата земја и граѓаните на Струга. По најновиот развој на настаните во врска со одлуката на американскиот Стејт департмент, не сакав да комуницирам во корист на процесите, за кои ќе бидам отворен како и секогаш за поддршка на правдата и за секој процес пред правосудните органи. Од страна на институцијата Општина Струга, како и од моја страна, ќе ја доставам навреме и што е можно поскоро секоја потребна документација, бидејќи секогаш сум бил транспарентен за органите на правдата и за сите други институции. Притоа, во интерес на процесот, решив да ја замрзнам секоја активност во партиските структури до затворање на важните процеси за сите“, вели Мерко.
Мерко напиша соопштение наместо да потпише оставка
