Во текот на минатата година, според информациите од ССМ, биле евидентирани 10.534 обраќања, по разни основи, меѓу кои се и плати во износ од 5 денари и регрес за годшен одмор или к-15 во износ од 1 денар, објави Вечер.

– Најголемиот број обраќања се по основ на неисплатена плата, надоместоци, додатоци и придонеси од плата- за неисплатен регрес за годишен одмор има 3.822. Вкупно 2.655 работници, од кои две компании се од јавниот сектор, а 41 компанија од приватниот сектор. За прекувремена работа, вкупно 1.188 работници се пожалиле дека не добиле дополнителни средства на плата. Овие податоци се однесуваат за цела 2023 година, меѓутоа во делот на неисплатениот регрес имало и работодавци што исплатиле понизок износ од законски минималниот. Во најголемиот дел од пријавите станува збор за синдикално неорганизирани работници, велат од ССМ за Вечер.

Од Државниот инспекторат за труд, за весникот Вечер, потврдуваат дека годинава има намалување на изречени инспекциски мерки по основ на неисплатен К-15 и оти расте бројот на работници што се охрабруваат и го пријавуваат својот работодавец, кој не ги почитува нивните правата.

И годинава, некои фирми исплатиле по 1, 10 или 20 денари на име регрес за годишен одмор, поради неутврден минимален износ на К-15.

Според директорката на Државниот инспекторат за труд, Весна Томовска, во делот на исплатата на К-15, со спогодбата од 2015 година им се овозможи на фирмите што имаат финансиски тешкотии, да можат да исплатат понизок износ на регрес за годишен одмор од утврдениот. Поради тоа што не е утврден минималниот износ, како што вели таа, се прават разни малверзации од работодавците, односно се исплаќа К-15 од 1, 10 или 20 денари.

– Ова е проблем и за инспекторите, бидејќи нема законски утврден минимален износ на К-15. Исто така, не е дефинирана ни постапката со која ќе може да има ефикасен надзор и да се оствари правото на работниците за исплата на регрес за годишен одмор. Овој дел треба да се доусогласи за да нема проблем и кај работодавците и кај работниците, изјави Томовска.