Во организација на Матицата на иселениците од Македонија на 1 август 2023 година ќе се одржи Научна конференција во чест на 120 години од Илинденското востание. Покрај тоа, ќе се одржи и трибина на која ќе говорат Македонци од Бугарија за нивната голгота со бугарските Власи поради личниот ангажман за македонската кауза во Бугарија. На 2 Август 2023 година во организација на Матицата на иселеници од Македонија ќе се одржи традиционалната Семакедонска средба во Трново, Битолско.

Оваа година се навршуваат 120 години од ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ кое е единствениот, најголем и најкрвав показ за потребата на македонското население да не биде манипулирано, туку самостојно и подготвено да се жртвува за својот сон – своја држава. За тоа сведочи и фактот што НИКОЈ и НИТУ ЕДНА од странските држави не се потрудил ниту да им помогне на Македонците за време на востанието, ниту да посредува за да се смири состојбата кога цели македонски села (заедно со жителите) биле пеплосувани од страна на Османлиите. Затоа пак, после сите стравотии што се случувале во селата и градовите низ Македонија, емисари дотрчале да приберат некој поен како миротворци.
ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ претставува меѓник во македонската историја, темелен настан врз кој се надѕидувала и надградувала катадневната исконска желба за слободна, независна и достоинствена македонска држава. За жал, денес слушаме за некаква си „заедничка историја“ со Бугарите, во која требало да биде вградено и Илинденското востание. Доколку прифатиме дека и бугарскиот народ има свое право врз овој празник тогаш им го даваме правото да тврдат дека и тие НЕБАРЕ пролеале крв за нашата македонска земја и тоа во најсветото и најчистото востание т.е. нашето историско срце. На тој начин, ние им го даваме и правото да кажат дека и денес Бугарите се поделени во две држави т.е. заедно биле во 1903 заедно треба да бидат и денес и во иднина. Иако тоа нема апсолутна врска со историската вистина, затоа пак, сто пати кажаната лага треба да стане вистина.
А за вистината да остане вистина темелена на сериозна историска анализа, документи и факти, Матицата на иселениците од Македонија, организира научна конференција со учество на истакнати македонски историчари по повод 120 години од Илинденското востание на 1 август во Крушево, велат од Матицата на иселениците од Мкаедонија.