Австралиската актерка Марго Роби и нејзиниот колега Рајан Гослинг беа едни од најпопуларните актерски имиња ова лето поради успехот на нивниот заеднички филм „Barbie“.
Оваа актерска двојка повторно ќе ја видиме на големото платно, но овој пат во новото продолжение од филмската франшиза „Ocean’s Eleven“, во режија на американскиот режисер Џеј Роуч.
Станува збор за ретропродолжение на познатиот филм од 2001 година. Дејствието ќе биде сместено пред настаните кои нè воведоа во првиот филм, со Џорџ Клуни, Мет Дејмон, Бред Пит и Џулија Робертс во главните улоги.
„Тие (Роби и Гослинг) се брилијантни заедно. Би било совршено да ги ангажираме за повеќе проекти“, рече Џози Мекнамара, една од продуцентите на филмот.
Сценариото се заснова на грабеж што се случил во 1962 година, за време на Големата награда на Монако.
Според режисерот, нѐ очекува епска љубовна приказна во стилот на стариот Холивуд, но и возбудлива авантура. Како што е најавено, многу сцени ќе се снимаат во Франција.
Филмот сѐ уште нема добиено официјален наслов, но нема сомнеж дека ќе доживее успех со оваа актерска двојка.