Станбените и потрошувачките кредити се меѓу најбараните и најбрзо растечките кредитни продукти на комерцијалните банки во земјава меѓу граѓаните. Тенденцијата на раст на станбените кредити продолжува, а истото се случува и со потрошувачките кредити, но со малку поспоро темпо. За разлика од нив, другиот тип на кредити одат со помал интензитет.
Последните податоци од Народна банка, покажуваат дека минатиот месец овие два типа кредити повторно имаат најголем раст и на месечна и на годишна основа.
– Во мај 2023 година, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, остварија месечно зголемување од 0,9 отсто и 1,0 процент, при годишен раст од 6,2 отсто и 10,9 проценти.
Автомобилските кредити се повисоки за 1,2 проценти на месечно ниво, додека на годишно ниво се зголемени за 3,2 отсто. Кредитите одобрени на кредитни картички забележаа месечен раст од 0,3 отсто, додека на годишна основа се намалија за 0,4 проценти. Кај негативните салда на тековните сметки е забележан месечен и годишен пораст од 2,7 и 2,1 процент. Кредитите одобрени врз други основи, во мај, се пониски за 1,4 отсто и 15,4 проценти на месечна и годишна основа – соопшти НБ во последниот сет за монетарните движења во земјава.
Упатените во банкарскиот сектор посочуваат дека станбените кредити имаат постојан раст и поради фактот што становите важат за најдобра инвестиција меѓу македонските граѓани, па голем дел од нив своите заштеди ги инвестираат во станови, за кои често се подигаат и кредити да се доплати разликата од штедниот влог до вкупната цена на новиот објект.
– Тоа е најдобрата заштеда за граѓаните, но дополнително таа се зголемува во период на криза, како сега, кога инфлацијата расте. Многу луѓе своите заштеди ги претвораат во станови, односно купуваат станови за да ги инвестираат парите во нешто. Оваа одлука ја носат многу често и поради тоа што, ако парите им седат во банка, инфлацијата ќе ги намали, бидејќи каматите на депозитите се ниски – објаснува поранешниот гувернер Петар Гошев.
Гошев за „Фактор“ појаснува дека иако може да се купува и земја, како опција за вложување, сепак, многу помалку луѓе го прават тоа, напротив поголем е интересот за станови што придонесува да растат и станбените кредити, но и цените на становите.
– Некои граѓани купуваат втор, трет, па можеби и петти стан за да ги вложат своите заштеди, бидејќи становите важат за сигурна инвестиција. Сето ова доведе до раст на цените на становите, покрај растот на градежните материјали. Иако во Скопје има многу празни станови, што го обзнани и Државниот завод за статистика, сепак, интерес за купување и понатака очигледно има, а тоа води и до повисоки цени. Граѓаните кои имаат средства на страна ги инвестираат во станови, бидејќи немаат идеи за бизниси, не знаат каков бизнис да почнат и се плашат да ризикуваат, со купувањето на стан, се сигурни во инвестицијата – посочува Гошев.