МАКЕДОНЦИТЕ ВО АЛБАНИЈА: Европратеникот Ковачев да не бара Бугари во Гора, со векови таму живеат Македонци и се горди на тоа
Партијата на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), реагираше во врска на посетата на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на областа Гора, кој, како што беше објавено, „бил во посета на Бугарите“.
Во реакцијата на МАЕИ се осудува однесувањето на европратеникот Ковачев и бугарскиот амбасадор во Албанија, кои заедно со други дипломати од Бугарската амбасада во Тирана, давајќи лажни ветувања за помош од европските фондови за подобрување на условите за живот и издавање на бугарски пасоши, се обидуваат да ги убедат Македонците во Гора на претстојниот попис на населението во септември годинава да се попишат како Бугари.
– Во областа Гора нема бугарско малцинство, туку со векови живеат Македонци, кои се горди на тоа. Во деветте села во областа Гора живеат Македонци со исламска вероисповед. И на последниот попис во 2011 година во областа Гора се изјаснети за Македонци, ниту еден не е изјаснет за Бугарин, се наведува во реакцијата.
Од МАЕИ додаваат дека „во меморијата на жителите на Гора трајно се врежани бугарските злосторства за време на окупацијата во областа од страна на Бугарија во Првата светска војна“ и „геноцидот што бугарската војска го изврши врз Македонците во областа Гора убивајќи илјадници од нив и силувајќи многу млади девојки и жени“.
– Според историските факти, за време на окупацијата на областа Гора од страна на Бугарија во Првата светска војна, поради политиките на Бугарија за бугаризирање и за менување на верата на жителите во областа на Гора и во состојба на изолација, во оваа област годишно умирале околу 4000 луѓе, така што во селата немало кој да ги закопува телата. Претставувањето на Македонците од Гора како Бугари 100 години по бугарските злосторства од страна на Андреј Ковачев и бугарските дипломати, го сметаме за примитивна перверзија, грубо мешање во внатрешните работи на Албанија и бараме од албанските власти да не потклекнуваат на бугарските притисоци за членство во Европска Унија, се наведува натаму во реакцијата.
МАЕИ посочува дека „жителите на областа Гора очекуваат официјално извинување од Бугарија за злосторствата извршени од страна на бугарската војска за време на Првата светска војна“.
МАКЕДОНЦИТЕ ВО АЛБАНИЈА: Европратеникот Ковачев да не бара Бугари во Гора, со векови таму живеат Македонци и се горди на тоа
