ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО
СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН
Од македонските писатели се истакнувал Посеидип, кој е роден во Пела, а живеел во Александрија. Потоа поетот Арат, составувач на песните „Феномени“ и „Еноптра“, во 1154 хексаметрички стихови. Во нив авторот, во по-етска смисла ги запознал Македонците со египетската астрономија и метеорологија. Неговите творби ги правел римскиот говорник, филозоф и писател Цицерон (106-43). Други поети на македонскиот циклус биле Антагор, Родиски, Александар Етолски, Тимо итн. Од скулпторите треба да се спомне Лисип единствен кому Александар му го дал својот лик да го изработи.
Од историчарите може да се наведе Кратер, кој ја напишал „Историјата на Атина“, Хиероним, автор на „Историјата на наследниците од смртта на Александар до Пир“. Него го сметаат за истакнат историчар рамен на Тукидид и Поливија.
За дострелите на македонската култура од тоа време, сведочат современите археолошки наоди, историските и книжевните творби, големиот број градови и нивното богатство во римскиот период, како и големиот воен плен на Римјаните при окупацијата на Македонија.
Во Македонистичката епоха, Египетското кралство претставува најдобро организирана држава во Македонскиот комонвелт. За време на првите Птоломеи, таа покрај Египет ги опфаќала и Киринаика, Јужен Балкан, Кипар, јужниот дел на Мала Азија дел од Тракија, Кикладските и други егејски острови и Пелопонез, па така била најголема поморска сила.
Оснивач на кралската династија бил генералот на Александар, Птолемеј Лаго I од Еордаја во Западна Македонија, кој владеел 20 години. Следат Птоломеј Сотер, Птолемеј Филаделф, Птолемеј Енергет, Птолемеј Филопатор, Птолемеј Епифан, Птолемеј Филометор, Птолемеј Еуергет и сè до прочуената кралица Клеопатра постарата ќерка на Птолемеј Аулето. Кога Цезар (Gaius Juliys Caesar, 101-44) го освоил Египет, Клеопатра му родила син Цесарон.
Меѓутоа, по паѓањето на Цезар, во Египет дошол римскиот војсководец Антонио Марко (82-30 п.н.е.) кој го примил управувањето на Источното царство и Клеопатра се омажила за него. По поразот на Антонио од Октавијан, кај Акциум, 31 п.н.е.), по една година Антонио и Клеопатра извршиле самоубиство. За нејзиниот живот Шекспир (1564-1616) ја напишал драмата „Антонио и Клеопатра“.
Птолемеите владееле со Египет 300 години, а Клеопатра била последен владетел на таа македонска династија. Римското владеење траело од 30 п.н.е. до 395 н.е. и го заменила Византија.
Македонските доселеници внеле во Египетското кралство нов живот во развојот на општествените односи, стопанството, религијата, науката и духовниот живот. Покрај другите промени, извршена е апотеза на Александар Македонски (Велики), потоа со ред и останатите македонски кралеви на Египет. За време на оваа славна династија, градот Александрија станал светски центар на духовниот живот. Покрај Александриската библиотека, изградени биле Музеј-храм на Музите и Гимназијата, каде се концентрирале најголемите умови на македонистичкиот свет.
Птолемеите покренале обемна научно-истражувачка активност во географијата, астрономијата, математиката, геометријата, тригонометријата, механиката, медицината, филозофијата, историјата, филологијата итн.
Испитувано било Црвеното Море и источниот афрички брег, Горен Нил, западниот европски брег сè до Англија, Шкотска, Исланд и др.
Покрај тоа, истражувани биле влијанијата на Месечината на плимата и осеката, состојбата и влијанието на сончевиот систем и слично. Во медицинските науки бил истражуван централниот нервен систем, кардиоваскуларниот и другите системи, влијанието на разни лекови, интоксикациите (труењата) и друго. Сите овие знаења, преку арапските преводи, ѝ станале познати на средновековна Европа и биле база и голем прилог на македонските генијалци и Македонското египетско кралство на светската цивилизација.
Познати имиња на оваа цивилизација се, пред се Ератостен (285-205 п.н.е.), кој бил астроном, математичар, географичар, книжевник и историчар. Тој го истакнувал топчестиот облик на земјата со периметар од 24 662 милји, а денешната точна мерка изнесува 24 857 милји, значи грешка од само 195 милји, и тој е првиот автор на географска карта на светот. Потоа, тука спаѓа Аристарх (320-250) од Сам, еден од најголемите астрономи.
Следува Архимед (287-212), најголем математичар и физичар на антиката. Аристарх од Самотрака (217-145), најголем граматичар и критичар, кој ги собрал и објавил делата на Хомер, Есхил, Аристофан и други. Меѓу нив се Аполоние (295-215) од Род, чие главно дело е „Писма за Аргонаутите“, потоа Аполоние Дискол од Александрија, граматичар и Аполоние од Памфилија, филозоф. Следат филозофот Теофраст (327-287), ученик на Аристотел и наследник на перипатичката школа, кој се смета за оснивач на ботаниката и Никадар, прочуен фитотерапевт и други.
Со појавата на христијанството, главниот град на Македонското египетско кралство, Александрија, кој долго бил трговски, интелектуален и културен центар на Медитеранот (антички Париз или Њу Јорк), набрзо станал и центар на христијанската религија. Свети Марко прв го донел христијанството во Египет и станал прв во втората линија на александриските патријарси. И покрај прогонувањето во ранохристијанскиот период, египетската црква ја ширела новата вера и низ Европа.
Св. Морис или св. Маурициус добил звање маченик, зашто во 285 п.н.е., во Швајцарија, одбил да се покори на други богови. Во Сент Мориц, во неговата црква, и денес може да се види александрискиот, односно коптскиот крст. Слики на тројца маченици од Египет, се наоѓаат и во градот Цирих. Седуммина калуѓери од Египет го проповедале христијанството во време кога римскиот император Константин Велики во IV век го прогласил христијанството за религија на царството на македонско-александровиот јазик. Во тоа време Александрија и Египет првенствено биле христијански.
Градот Бени Суеф, стотина километри јужно од Каиро, станал дом на монасите и исихазмите (тивките), па таму, меѓу V и VII век се молеле околу 10 000 калуѓери и двојно толку калуѓерки. Во пустинските манастири, западно од Александрија, се наоѓале тогаш околу 70 000 калуѓери, а низ целиот Египет биле околу 700 манастири. Така било сè до доаѓањето на арапските племиња, во 641 година, под знамето на исламот. По исламизацијата на северен Египет, христијанството се одржало на југ, кај Копт, кој денес има околу 10 милиони жители. За културното наследство на Македонско-египетското кралство на Птолемеите и денес, во XXI век, постои големо интересирање кај научната и уметничката јавност особено за последната македонско-египетска кралица Клеопатра VII, ќерка на кралот Птолемеј XII, пра-пра внук на генералот од Еордаја, Птолемеј Лагос.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН