Велешки БРАКО се јави на повикот на „Бехтел и Енка“, кои ќе градат камп за сместување на повеќе од илјада работници во близина на Гостивар, а кои ќе бидат ангажирани да го градат автопатот 10Д.

Од компанијата информираа дека дале понуда за набавка на 104 објекти од монтажен, префабрикуван и контејнерски модуларен систем за групно домување, работни простории и други објекти за потребите на работниот камп, кој ќе се протега на површина од над 300 илјади м2., како и за сите потребни елементи: греење, ладење, опрема и мебел, противпожарен алармен систем, ИТ систем, внатрешни инсталации, водовод, канализација, електро инсталации и опрема, системи на вентилација, како и транспорт на добрата до локацијата.

Од фабриката сметаат дека токму македонски компании и македонски работници треба да добијат најголем дел од работите при изградбата на автопатот 10Д, како што и Владата му вети на македонското стопанство, и велат дека како домашна фирма ќе се борат да ја добијат работа. Оттаму сметаат дека Македонија има капацитет да одговори на секој проект и дека македонските фирми не треба да бидат во втор план, зад странските.

Инаку пред три години БРАКО ги обезбеди префабрикуваните контејнерски системи за здравствените објекти во Ковид кризата, односно т.н. модуларни болници кои државата итно ги побаруваше, а потоа изградија и нови современи амбуланти во Скопје, кои ги заменија старите дрвени бараки поставени пред 60 години.

Од БРАКО вчера информираа и дека НАТО веќе ги регистрирало како нивен потенцијален снабдувач и дека ќе се обидат да и продадат македонски производи на Алијансата, пренесува ТВ Канал 5.