Во вкупниот пласман македонската кик бокс репрезентација го освои третото место на ВАКО Европскиот куп „Србија опен 2023” кој се одржа викендов во Белград, Србија, со освоени 50 медали – 9 златни, 9 сребрени и 32 бронзени медали.

На овој престижен кик бокс натпревар учество земаа 567 натпреварувачи од 116 клубови од 16 држави, а нашата репрезентација беше составена од 68 натпреварувачи со 75 натпреварувачки влезови, тренери, судии и организациски тим од 16 македонски кик бокс клубови членки на КМФМ.

Во склоп на овој куп се одржа и Купот „Кик плеј челинџ плеј кул„ за почетници и помлади кадети, на кој учество земаа 5 наши натпреварувачи од 3 кик бокс клубови и на истиот младите кикбоксери почетници освоија 3 медали – 1 златен, 1 сребрен и 1 бронзен.

Ова е уште еден успешно завршен Европски кикбокс куп, на кој нашата репрезентација само ја потврди својата прогресија на успехот и сплотеноста на клубовите и тренерите. Продолжуваме и понатаму да ги остваруваме нашите цели и да атакуваме кон уште европски и светски титули и медали. Сакам да истакнам особена благодарност до сите натпреварувачи, тренери и до нашиот позадински тим за поддршка во организацијата и секако, упатувам јавна благодарност до Агенцијата за млади и спорт на РМ, Македонскиот олимписки комитет и Државна видео лотарија за финансиската поддршка“, изјави претседателот на КМФМ – Дејан Митровски – Урко.