Вработен во затворот „Идризово“ бил нападнат од негов колега, а затвореник беше тешко повреден во тепачка што се случила меѓу две групи осуденици.
Овие два инциденти се случија само во последниве неколку денови во најголемиот затвор во земјава, на што претходеше преместувањето на петмина познати затвореници од скопското подземје во затворите во Штип и Прилеп. Но, по повеќе инциденти, тие повторно беа вратени во најголемиот затвор. Ваква е моменталната слика во македонските затвори, па овде прашањето кое се наметнува е, може ли веќе “подгреаната” состојба, дополнително да ескалира?
Македонските затвори полни. Раст на стапката на затворање во земјава за 25,5 отсто, што ја става Македонија втора во Европа според оваа стапка, зад Молдавија. Просечната возраст на македонските затвореници е 35 години, што е под просекот утврден во 40-те затворски управи опфатени со анализата на Советот на Европа.
– Во земјава на 31 јануари минатата година стапката на затворање изнесувала 142 затвореници на 100.000 жители, што претставува нејзино зголемување за 25,5 проценти на годишно ниво, покажуваат податоците од Годишната казнена статистика на Советот на Европа за минатата 2023та година. Гледано, пак, номинално, со 142 затвореници на 100.000 жители Македонија е на 15-то место меѓу 48 затворски управи на земјите членки на Советот на Европа опфатени со анализата.- Советот на Европа.
Поранешниот началник во МВР, Љубомир Ѓурчевски, за ТВ 24 оценува и дека ниту условите во затворските капацитети се подобрени, ниту пак Македонија има доволно капацитет да ги прифати сите оние осудени лица, кои, како што вели, претежно се за издржување на полесен вид на кривични дела, додека за оние најтешките, организирани форми на криминал многу малку паѓаат пресуди.
Инаку, моментално најнатрупаниот затвор во земјава неретко е во центарот на вниманието на јавноста, кој повеќе од една година е под кризна состојба, а истата ќе продолжи до крајот на октомври поради недостиг од затворски персонал.