На прагот на уште една откупна сезона на тутунот, за производителите е пресудно по која цена „ќе натежне вагата“. Тие со откупните претпријатија (во земјава се 10-тина) се во вечна „битка“ за откупните цени, особено сега, во ситуација на инфлација, скапи трошоци на производство и скапа работната рака.

Во вакви моментални состојби се отвора прашањето: Колку е рентабилно македонското производство на тутун кое носи и девизен прилив, којшто според податоците, изнесува 100-тина милиона евра.

Мирослав Димитриевски од Институтот за тутун во Прилеп, единствена научна институција што се занимава со проучување на состојбите во тутунопроизводството, анализи и производство на тутунов семенски материјал за потребите за земјава и за странство, вели дека до лани проиводството на тутун имало континуитет. Во периодот од 2010 до 2022 година годишното производство е околу 25 000 тони тутун, стабилизирано на 22 000 до 23 000 тони годишно.

Според Димитриевски, имаме континуитет во производството на тутун за разлика од соседните земји каде се забалежува намалување и тоа треба да се искористи.

-Намаленото производство во соседните земји како Грција, Бугарија, па и Турција, треба да го искористиме како држава за да го заштитиме производството на ориентален тутун, бидејќи на светскиот пазар имаме доста конкурентни сорти, препознатливи и реномирани чија тутунска суровина е ценета. По типот „Измир“, типот „Прилеп“ е на второ место на светско ниво во пласман како тип на тутун,  посочува Димитриевски.

И професорот Златко Арсов од Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје потврдува дека македонскиот ориентален тип на тутун е баран на светскиот пазар, особено во ситуација кога светското производство стагнира, најмногу на ориенталските типови што се и најпроизведувани кај нас.

-Последниве неколку години се забележува стагнација на производството на суров тутун во светот за околу шест милиони тони, од сите типови. Најголемо учество во светското производство имаат типовите „Вирџинија“, „Берлеј“, некои други типови, па и ориенталските. Од сите овие, најголемо опаѓање има кај ориенталскиот тип тутун и од некогашните 300 000 тони, светското производство е паднато на 120 000 тони. Засега, македонското производство не е доведено во опасност, бидејќи повеќе години имаме некое стандардно производство, со исклучок на оваа година. Тоа засега не претставува опасност, бидејќи има поголемо намалување во другите земји, на пример во Бугарија, Грција, Турција. Сѐ уште има место за нашиот тутун на светскиот пазар, објаснува Арсов.

Се посочуваат два главни проблеми за рентабилноста на македонското производство на тутун и тоа откупната цена, која мора да ги следи скапите трошоци на производство и инфлацијата и промената на демографската структура поради иселувањето. Со други зборови – да се плати и да има кој да произведува. Тоа може да донесе стагнација на производството кај нас.

-Нашите производители на тутун најмногу ги мачи откупната цена. Сметаат дека е ниска, и со право, ако се гледа од аспект на трошоците: горивото, вештачките ѓубрива се скапи, а веќе и работната рака стана скапа. Да се донесе аргат веќе е скапа работа. Од тој аспект, ќе има стагнација во нашето производство, освен ако нешто не се промени во откупните цени: да се зголемат, да бидат на некое ниво, да се следи оваа инфлација што владее овој период. Државата дава субвенција по килограм тутун, дава и други мерки како купување механизација, но, државната помош не треба да биде пресудна. Треба откупните претпријатија да ја зголемат цената. Според мене, тука лежи проблемот. Како да се натераат да ги зголемат откупните цени. Ако има мало количество тутун, мора да ја зголемат цената, па и да го зголемиме производството, да стане рентабилно, вели Арсов.

Она што загрижува, според професорот Димитриевски од Институтот за тутун во Прилеп, е демографската структура на населението затоа што во последно време има нагло иселување на населението.

– Тоа би бил еден од моментите што треба да нѐ загрижува и треба да се најде начин да се задржат младите луѓе и да продолжи континуитетот на ова производство, вели Димитриевски.

Експертите предлагаат и други мерки за рентабилност на македонското тутунопроизводство како што се зголемени субвенции и окрупнување на површините.

-Ќе помогнат зголемени субвенции од државата и окрупнување на површините под тутун. Тоа ќе овозможи поголеми површини, поголема примена на механизација за поголема продуктивност во тутунопроизводството, појаснува Гордана Мицеска од прилепскиот Институт за тутун.

Научната фела во земјава посочува дека квалитетните сорти тутун можат да обезбедат продуктивност и рентабилност. 

-Секое наше недоволно внимание во поглед на изборот на сортата, воведувањето и одржувањето на сортите како и зачувувањето на сортната структура во примарното производство, може да има мошне негативен импакт со несогледливи последици за целото тутунско стопанство. Сепак, одговорноста е на нас, стручните лица и на откупувачите, вели Димитриески.

Оваа производствена година никој не сака да ја земе за репер. Уште во текот на бербата, тутунарите и Сојузот на земјоделски здруженија предупредија дека производството ќе се намали за 30 до 40 проценти.

– Годинава, состојбата со тутунот е катастрофа. Минатата година ако од 15 декари имав три тони, годинава се околу тон и половина. Немаме вода. Хидросистемот не стигнува до нас иако вештачкото прилепско езеро годинава е полно. Ако сакаме да го задржиме тутунопроизводството, треба државата и Министерството за земјоделство да нѝ овозможат дупчења за вода. Мора да се наводнат површините, зашто со овие временски промени ништо не правиме, вели Драге Касниоски, тутунопроизводител од прилепското село Големо Коњари.

Претседателот на Сојузот на земјоделски здруженија Менде Стомнароски посочува дека родот е мал.

– Пролетта имаше многу дождови кои предизвикаа болести кај тутунот. Тутунот многу се изретчи. Потоа го фати сушата која си го направи своето и оваа година имаме одличен квалитет на тоа што е произведено и набрано, ама килажата ќе биде многу помала во споредба со лани, вели Стомнароски.

Сојузот на земјоделски здруженија се надева на поддршка од Министерството за земјоделство и на конструктивен дијалог со откупувачите за повисока цена на тутунот, поради инфлацијата, зголемените трошоци за репроматеријали и нискиот стандард за живот.

Годинава со откупните претпријатија се потпишани 29 400 договори за 26 600 тони тутун. Со оглед на намалената реколта тутун, би се очекувале и повисоки откупни цени на тутунот. Но, и на неполн месец од почетокот на откупната кампања (најрано може да почне на 15 ноември, а најдоцна на 15 декември) неизвесно е колку ќе се плати маката на тутунарите. Со оглед дека старосната граница на тутунарите е висока, а ретко има подмладок, остануваат недоодговорени двете клучни прашања за рентабилното македонско тутунопроизводство – исплатливоста и работната сила.

МИА