Сами по себе, (квази)процедурите што се наметнуваат како „условување од императивна природа од страна на Софија во врска со македонскиот устав“ апсолутно го дерогираат принципот на меѓународното право за немешање во внатрешното уредување на суверени држави. Натаму, и од содржински аспект, факт е дека наративот што ѝ се наметнува на Македонија од Софија, е директно флагрантно кршење на перемпторните (врховни) норми на меѓународното право и на меѓународниот поредок. И покрај сето ова, врз Македонија однадвор продолжува притисокот да се направи нешто што целокупната меѓународноправна архитектура ја прави ништовна?!
Лицитирања за тоа каде и како да се внесат промените?!
Една од „техничките дилеми“ за внесување на Бугарите во македонскиот устав е во кој дел од конститутивниот акт треба да се стори тоа, односно дали тоа треба да се стори во делот од Уставот каде што се наведуваат конституентите, односно народот и малцинствата застапени во државата, т.е. во преамбулата. На прв поглед, таквите навидум „едноставни решенија“, најчесто се палијативни и закрпуваат една дупка, но отвораат многу поголеми.
Универзитетската професорка по уставно право Татјана Каракамишева-Јовановска реагира на начинот на кој во јавноста се води дебатата за уставните измени, која, според неа, „е последица на големи небулози и непознавања на уставната материја“.
– Јавноста заслужува да има објективни информации за целиов процес, податоци втемелени не на политички/партиски/етнички желби и каприци, туку на научни параметри врз основа на кои и треба да се води дебатата за и околу измената на нашиот устав – вели Каракамишева-Јовановска, која има и конкретен предлог-текст за промена на преамбулата на идниот устав на Македонија. Но според професорката по уставно право, нејзиниот предлог-текст на уставната преамбула би можел да се примени само ако се отвори постапка за донесување нов устав во кој би требало да се исправат сите досегашни грешки и фалинки во актуелниот. Таа смета дека работата на сегашната комисија за измена на преамбулата е беспредметна, бидејќи преамбулата не може да се промени со амандман, како што тоа претходно е сторено.
– Фактот дека веќе се направени две измени на преамбулата на Уставот од 1991 година и пловејќи на тој бран ни се најавува уште една измена, не ја прави целата постапка уставна.
Континуираното кршење на членот 129 од Уставот, каде што јасно стои дека Уставот на Македонија, а не неговата преамбула, се изменува и дополнува со уставни амандмани, како и немањето никаква реакција од страна на Уставниот суд во претходните два случаја, создаде „правна пракса“ дека тоа така може и дека така треба да се постапува во секој нареден случај. Моите реакции за неуставноста на уставните измени во 2001 и во 2019 година ѝ се познати на јавноста, но очигледно политичарите не ги слушаат ставовите на експертите и си тераат по своите агенди.
Национални и граѓански устави
Широко распространета уставна практика во повеќе држави во светот е во текстот на преамбулата да се наведе нацијата како основа или темел на државата и државноста, поради што се нарекуваат и „национални устави“! Во нормативниот дел, пак, тие го имаат секако принципот за еднаквост и рамноправност на граѓаните во нивните права и обврски.
Професорката Каракамишева-Јовановска наведува повеќе примери на устави во Европа (вклучувајќи го и Уставот на САД), кои во својата преамбула ја имаат вклучено нацијата како основа на државата и државноста. Такви преамбули во, условно кажано, „национални устави“ имаат: Ирска, Словенија, Хрватска, Шпанија, Унгарија, Франција, Германија, Полска, Словачка, Естонија, Летонија, Литванија и други. Секако има и земји што немаат преамбули во уставите, како на пример: Финска, Шведска, Норвешка, Италија, Австрија, Белгија, Грција и други.
Македонскиот Уставен суд надвор од времето и просторот
Професорката по уставно право Татјана Каракамишева-Јовановска реагира и на неактивноста на Уставниот суд во Македонија, за воспоставената практика на носење неуставни амандмани. Притоа наведува и споредбени примери за реакцијата на уставните судови во повеќе држави во врска со оценување на (не)уставноста на менување на Уставот со амандмани.
– Колку е македонскиот Уставен суд надвор од времето и просторот и дреме во хибернирана состојба, зборува фактот дека дури и Уставниот суд на БиХ ги прогласил за НЕУСТАВНИ четирите оддели во преамбулата на Уставот на Република Српска. BIH-2000-3-003(Official Gazette), CODICES database.
1. Во 2008 година, турскиот Уставен суд ги поништи уставните амандмани изгласани во парламентот со образложение дека со тоа се заштитува принципот на еднаквост и право на образование, а во насока на спречување на намерата на парламентот да ја тргне забраната за носење шамии во универзитетите.
Уставниот суд на Турција одлучи дека амандманите со кои се дозволува носење шамии во универзитетите се спротивни на уставно заштитениот принцип на секуларизам поради што ги прогласи за неуставни! (Turkish Constitutional Court Decision of June 5, 2008, No. 2008/16; 2008/116).
2.Уставниот суд на Германија во голем број случаи ја демонстрирал подготвеноста да одлучува за (не)уставноста на уставните амандмани.
3. Врховниот суд на Бразил исто така има прогласено голем број неуставни амандмани. Така, во ADIMC 466/91, стои дека „Уставните амандмани… кои се спротивни на уставните норми се предмет на репресивна контрола на уставноста“.
4. Уставниот суд на Чешка во 2009 година донесе одлука за оцена на уставноста на Уставен закон бр. 195/2009, кој потоа го прогласи за неуставен.
5. Уставниот суд на Романија има право по службена должност превентивно да ја разгледа „уставноста“ на амандманите пред да бидат изгласани во парламентот. Истата ваква можност ја има и украинскиот Уставен суд.
6. Уставниот суд на Киргистан во 2007 година поништи два амандмана поради нивната неуставност.
Можам да редам уште многу вакви примери, но поентата на овие компаративни искуства ми е да прашам што прави македонскиот Уставен суд?
Каде е тој изминативе 31 година?
Кои одлуки ги има донесено во насока на заштита на Уставот од 1991 г. од многубројните неуставни амандмани донесени во 2001 г., 2019г.?
Дали уставните судии во Македонија го преспаа својот работен век? – прашува Каракамишева-Јовановска.
Преамбула на Уставот: Неколку аспекти на уставноправна опсервација
Според уставноправната теорија, преамбулата на Уставот е декларативен, свечен, прокламативен текст, најчесто составен од една долга реченица, во која нема членови, ниту ставови, како во случајот со македонскиот устав. Преамбулата ги одредува самоевидентните фундаментални вистини за земјата, а нејзиниот декларативен карактер ја разликува од задолжителниот карактер на уставните норми содржани во Уставот.
Но исто така е факт дека во уставната преамбула има акумулирано исклучителна енергија, која силно зрачи и му дава животна активност на целиот следствен нормативен дел на Уставот. Во уставната преамбула се потенцира кој и по чија волја го донесува Уставот, дадени се целите, се наведуваат и темелите на државноста, карактерот на државата, носителот на државноста…
Токму поради тоа, според одредени експерти за уставно право, преамбулата не може само да ја квалификуваме само како „свечен, уводен текст“ на највисокиот правно-политички акт на Македонија. Имено, токму во преамбулата се содржат најсензитивната супстанција на Уставот и фундаментите на државата чија генеза и дефинирање се наоѓаат токму тука. Затоа, доколку се размислува за измени, тежиштето на размислувања и дебати треба да биде токму во преамбулата, од каде што понатаму ќе биде проектиран нормативниот дел што следува.
Номотехнички, преамбулата во Уставот на Македонија не е составен дел на уставниот текст, бидејќи преамбулата се наоѓа над насловот – „Устав на Македонија“. Во уставната теорија се смета дека кога преамбулата се наоѓа над насловот „Устав“, таа нема задолжителен карактер и не е составен дел на Уставот. А кога преамбулата се наоѓа под насловот „Устав“, тогаш таа има задолжителен карактер и е составен дел од Уставот, поради што и може да се менува во постапка како што се менува самиот устав.
Според нашата соговорничка, професор Каракамишева-Јовановска, со оглед дека преамбулата во Уставот на Македонија не е составен дел на Уставот, таа не може да се изменува и дополнува со уставни амандмани, туку само во постапка за донесување нов устав. Ова е сосема оправдан правен факт со оглед дека историските настани, случувања, документи не можат да минуваат низ постапка на ретуширања и промени зависно од моменталната волја на некои политичари. Историските факти се ноторни и секое нивно паушално менување влијае врз историската вистина во државата – ги објаснува за „Нова Македонија“ професорката Каракамишева-Јовановска правните причини и начини за менување на преамбулата во Уставот.
Во преамбулата се содржани најзначајните цели и идеи за создавањето на државата, како и намерите на суверенот на државата (најчесто нацијата или народот) за нејзиниот натамошен развој.
– Значењето на преамбулата за целиот текст на Уставот е големо, бидејќи во неа се дадени „тонот“ и филозофијата на Уставот. Целта на преамбулата е да објасни зошто Уставот е донесен со содржината со која е донесен, поради што се смета дека ако се прават измени во преамбулата тоа мора да се одрази и на текстот на Уставот. Од овие причини се вели дека измените во преамбулата секогаш мора да се одразат и врз содржината на натамошниот текст на Уставот, поради што измени во преамбулата се прават кога се донесува сосема нов устав.
Преамбулата ги одредува самоевидентните фундаментални вистини за земјата, а нејзиниот декларативен карактер ја разликува од задолжителниот карактер на уставните норми содржани во Уставот.
Кај нас, за жал, многу малку се зборува за значењето на преамбулата на Уставот. Граѓаните, па и политичарите немаат јасна претстава што точно значи преамбулата за земјата и какво е нејзиното влијание врз правниот, политичкиот, и другите системи во државата. Непознавањето на местото што преамбулата го има во Уставот, но и немањето доволно информации за длабокото значење на преамбулата за идентитетот на македонската држава, остави простор за несериозност и паушалност во самиот процес на нејзиното досегашно менување – вели уставната експертка Татјана Каракамишева-Јовановска.